Терминот „внатрешен критичар“ (концепт сличен на Фројдовското Суперего) се однесува на гласот во нас што прави да се чувствуваме несоодветни или ги осудува нашите мисли, постапки и чувства. На пример, кога ќе направите некаква грешка, овој критички глас може да каже: „Ова не смее да ми се случува“ или „Јас сум тотален губитник“. Секој човек си има по еден внатрешен критичар. За некои луѓе, тој се појавува во форма на мала сомнеж во себе која им помага да одржуваат високи стандарди и да останат мотивирани.
Но, кај други, нивниот критичар може да ги „држи во заложништво“ т.е. да ги спречува да го достигнат својот вистински потенцијал.
Од каде доаѓа овој внатрешен критичар?
Кога критичкиот внатрешен глас ќе не убеди дека сме губитници и дека никој не се грижи за нас, ние го губиме контактот со реалноста и слепо веруваме во секоја негативна мисла за себе. Толку брзо ги прифаќаме тие тврдења што погрешно ги сметаме за вистина. Многу е тешко да се дознае како настанал овој глас и уште потешко да се оттргнеме од нашите вистински перцепции.
Најдобар начин да се изборите со овој критичар е да го направите следново :
да идентификувате кога се појавува и да разберете од каде доаѓа.
Внатрешниот критичар се гради врз и преку нашите искуства. Всушност, многу личности го поврзуваат со некој близок од нивното минато. На пример, кај многу од моите клиенти овој глас ги користи истите фрази кои ги користеле нивнитe родители во минатото.
Но, неретко овој критичар е производ и на општеството. Ја засилува пораката дека сме различни, нееднакви или не се вклопуваме со другите.
Препознавањето на почетниот развој на овие внатрешни гласови може да ви помогне да станете посвесни и да ви овозможи да направите разлика помеѓу невистините ставови и вашата реална ситуација.
Како да се справите со вашиот внатрешен критичар?
Според Парадоксалната теорија на Гешталт терапијата, вистинската промена се случува само кога ќе ги прифатиме аспектите на нашата личност, па дури и оние кои не ни се пожелни. Тргнувајќи од оваа теорија, прв чекор за справување со критичарот би бил – неговото прифаќање, превземајќи ги следниве чекори:
Бидете свесни дека секој од нас поседува по еден внатрешен критичар
Многу од моите клиенти, на сопствените критички пораки гледаат како на нешто што им се случува само на нив и како на знак дека немаат самопочит. Но, факт е дека секој од нас си поседува внатрешен критичар и тоа е потполно нормално. Она што е важно е да не му дозволиме да не ограничи и зароби во нашата комфортна зона.
Запознајте го внатрешниот критичар
Обрнете внимание и идентификувајте ги работите што ви ги кажува вашиот внатрешен критичар во различни ситуации. Тоа можете да го направите со поставување на следниве прашања:
- Што ми кажува мојот внатрешен критичар?
- Кои се неговите обрасци на однесување?
- Како сето ова влијае на моето однесување?
- Што кажува сето ова за мене?
- Од каде доаѓаат овие мисли?
- Дали овие мисли се засноваат на факти или се фикција?
- Каде првпат научив да размислувам на овој начин?
Истражете ги позитивните страни на својот критичар
Не му пристапувајте на вашиот критичар со црно – бели ставови. Запомнете дека неговата главна функција е да ве заштити. Понекогаш овој критичар знае да мотивира и да помогне да излеземе од комфорната зона. Иако некогаш знае да ни пренесе невистини, често може да се појави и во форма на позитивен критицизам, па и да понуди решенија за одреден проблем.
Побарајте професионална помош
Доколку погореспоменатите совети не ви се од корист и самокритикувањето негативно влијае врз вашите односи со други луѓе, вашата способност за работа и врз некои други аспекти од вашиот живот подолг период, тогаш е време да се обратите на психолог или психотерапевт кој ќе може да ви помогне да си го решите овој проблем.
Побарај дополнителен совет или насока од Верица Бакулеска
Како психолог, свесна сум дека справувњето со внатрешна критика кон себе може да биде длабоко вознемирувачко и тоа често доведува до изолација, анксиозност и искривена самоперцепција. Работата на себе која ви ја нудам, може да ви послужи како одлична алатка за истражување на вашиот внатрешен критичар. Можеме да разговараме за тоа што овој критичар сака од вас и на каков начин знае да ве „испровоцира“.
Ако имате какви било прашања или сакате да го започнеме ова трансформативно патување заедно, не двоумете се да ме контактирате.
Пополнете го формуларот подолу за да добиете бесплатен писмен совет.