fbpx

Приказните кои си ги раскажуваме себеси

Приказните кои си ги раскажуваме себеси: чекор кон внатрешна рамнотежа или затворен круг на депресија?

Во свет кој постојано се менува, човечкиот ум е постојано вклучен во процес на разбирање и толкување на сопствените искуства. Нашиот ум, впрочем, е машина која неуморно креира субјективни значења и смисла. Додатно, нашите толкувања на стварноста, често обликувани од приказните што си ги кажуваме сами на себе, имаат огромно влијание врз нашето психичко и емоционално здравје. Koга тие се негативни, може да се доведеме до состојба на депресија. Иако честопати ни се чини дека сме заложници на „филмот“ кој се одигрува во нашите глави, вистината е дека имаме избор „кој филм ќе го гледаме“. 

Преку разбирање на улогата што овие приказни ја имаат во нашите животи и нивно трезвено преиспитување, можеме да ја согледаме моќта која ја имаме во однос на наративите кои доминираат во нашето размислување. Притоа да ги замениме со нивни поздрави, поразумни и покорисни верзии.

Запознавање со наративот

Како што спомнавме, нашите умови се умешни ткајачи на приказни кои ни помагаат да ги врамиме, разбереме и прифатиме сопствените искуства и емоции како дел од поголем систем на значења. Една ваква приказна, односно внатрешен наратив, претставува структура од толкувања и верувања кои меѓусебно се поддржуваат. 

Наративите се формираат под влијание на различни фактори, вклучувајќи го нашето воспитување и искуства од детството, културното потекло, социо-економските услови и личните верувања и вредности. Нивниот корен често се наоѓа надвор од свесноста. Многу од нив потекнуваат од детството, период во кој немаме особена контрола. Пораките кои ги примаме и применуваме од околината како мали, продолжуваат да влијаат врз нашето функционирање децении подоцна. Тоа се случува се додека не ги освестиме и преиспитаме од позиција на возрасен кој има избор и може да го смени наративот. Ова е важно затоа што нашите наративи не се секогаш објективни или точни претстави на реалноста. Всушност тие се само субјективни, честопати дисфункционални толкувања создадени во специфични услови кои ги обликуваат нашите перцепции и последователни искуства.

Што се случува кога влегуваме во песимистички циклус на негативни приказни и самоомраза?

Негативните наративи се лоши приказни кои си ги кажуваме на себеси за себеси. Тие се екстремно критични и понекогаш ни се вртат во глава без престан: „Јас не заслужувам среќа“, „Не правам ништо како што треба“, „Не сум доволен“, „Упропастив сè, како и секогаш“. Но вистинскиот проблем е што ние ги прифаќаме овие мисли како апсолутни вистини: „Штом го мислам/чувствувам, мора да е вистина“. Препуштањето на овие наративи може да придонесе кон затворен круг на депресија. Кога постојано во себе си повторуваме приказни за неуспех и безнадежност, нашите ментално и социјално здравје страдаат. Ваквите наративи нè заробуваат во состојба на очај и одложување на сопствените сили и потенцијали. Иако ни се чини дека мислите се посилни од нас, секогаш имаме можност да ја преиспитаме нивната вистинитост и релевантност во нашиот живот наместо слепо да им дозволиме да нè поведат во негативна спирала.

Кога ќе го освестиме и прифатиме постоењето на внатрешните приказни, добиваме и моќ да ги оспориме и реконструираме. Кога водиме позитивен разговор со себе и сме насочени кон зајакнување на нашите капацитети, поставуваме основа за внатрешна хармонија и личен раст. Преку восприемање на нашите искуства низ конструктивна леќа, можеме да ја зголемиме самодовербата и издржливоста. Овој процес ни овозможува да негуваме позитивна перспектива за себе и нашите искуства и да ги третираме животните предизвици како можности за трансформација.

Побарај совет или насока од Марија Грубор

Марија Грубор приказните кои си ги раскажуваме

Преку колаборативен и сочувствителен терапевтски пристап, можам да ви помогнам да ги препознаете негативните наративи, да ги идентификувате когнитивните нарушувања, тешкото минато и да негувате самосочувство. Ако имате какви било прашања или сакате да истражите како можам дополнително да ве поддржам, слободно пополнете го формуларот подолу за да добиете еден бесплатен одговор. Доколку сте заинтересирани за понатамошна работа, ве поканувам да изберете термин за сесија преку мојот календар во апликацијата. Ви посакувам среќа во внатрешните патувања!

Животни сценарија

Во овој контекст би било корисно да го спомнеме и концептот на „животно сценарио“: Тој е еден од клучните концепти во теоријата на личност според трансакциската анализа (ТА) на Ерик Берн. Според ТА, секоја од нас го создава своето животно сценарио меѓу првата и петтата година од животот, во моменти на несигурност и страв, базирајќи го на однесувањето што сме научиле дека е неопходно за да бидеме сакани и безбедни. Таму некогаш, сме поврзале одредени наши постапки со одредени реакции од средината и сме ги меморирале како начин на кој нештата функционираат, преточувајќи го нашето субјективно искуство во објективна вистина за светот која понатаму ќе ни служи како компас и готова рамка за нови искуства. 

Како возрасни, најчесто не сме свесни за ова. Но, во моменти на несигурност и силен стрес, лесно посегнуваме по веќе воспоставените стратегии за добивање на внимание и љубов или соочување со проблем, и покрај нивната несоодветност и неефикасност. Уште поважно, како возрасни, имаме избор. Дали ќе ја искористиме во целост моќта на нашето возрасно размислување или уште еднаш ќе го одиграме сценариото кое сме го создале многу одамна. 

Преиспитување на когнитивните дисторзии

Многу од нашите негативни приказни се темелат на когнитивни дисторзии. Когнитивните дисторзии се предрасуди или логички грешки во мислењето кои ни го дефинираат погледот врз себеси и светот. Во суштина, тоа се ирационални, повторувачки облици на мисли и верувања кои не соодветствуваат со реалноста и предизвикуваат психичко страдање. Според когнитивно-бихејвиоралната теорија, најчестите дисторзии вклучуваат: црно-бело размислување (размислување во екстреми, „Јас сум непоправлив губитник а другите имаат сè“), претерана генерализација, ментални филтри (на пр. фокус само на негативни аспекти и аргументи), читање на мисли (скокање кон заклучоци за тоа што мислат другите, наместо комуникација на сомнежите), емоционално резонирање (кога чувствата ‘мислат’ наместо разумот) и персонализација (неоправдано лично толкување на надворешните настани, „земање при срце“). Овие мисловни облици го искривуваат нашето размислување, наведувајќи нè на неточни, ригидни заклучоци за себе и светот. Ова неизбежно ни предизвикува болка.

Соочувањето со дисторзиите во нашето мислење отвора можност за интеграција на нови парчиња од сложувалката што ја нарекуваме стварност. Преку освестување на мисловната содржина, добиваме можност и да ја коригираме. 

Вежба: Судница

Изберете една мисла која ве мачи и прогонува подолго време и сакате да ја преиспитате точноста и корисноста на нејзината содржина. За таа цел, замислете дека ја носите на суд. Но, за разлика од другите судови, во овој вие ќе ги играте сите улоги: адвокат на одбраната, обвинител и судија. Ќе ги анализирате сите докази во однос на „обвинетата“ мисла во насока на носење пресуда. Претпочитајте факти и проверливи докази наспроти мислења, претпоставки и предрасуди. 

Прво презентирајте ја одбраната, односно сите докази и аргументи кои ја поддржуваат точноста на мислата, а потоа изложете го обвинението со сите докази и аргументи кои ја негираат. Запишете го процесот на хартија за подобра прегледност. На крајот, како судија, обидете се непристрасно да ги погледнете и двете страни. Oдлучете дали обвинетата мисла е точна и корисна во вашиот живот. Ваквите вежби и водењето на дневник може да ви овозможи да си ги преиспитате мислите од повеќе перспективи, и да ви ја зајакне аналитичноста и балансот во размислувањето Откако ќе утврдите дека некоја мисла е неточна и само ви нанесува штета, прашањето е дали ќе дозволите на таква мисла да ви управува со расположението и вербата во себе?

Улогата на самосочувството

Кога нештата не одат како што сакаме, една од првите реакции кои ги имаме е безмилосно критикување на себеси. Но, кога истата ситуација би му се случила на некој од нашите најблиски, нашата прва реакција би била да му пружиме поддршка, љубов и разбирање, наместо дополнително да го повредиме. Кога ова исто сочувство ќе си го дадеме себеси, тоа може да биде моќна алатка за преобликување на нашите внатрешни наративи. 

Земајќи во предвид дека една од најзначајните врски кои ги имаме во животот е со себеси, пожелно е да развиеме свесност за она што си го кажуваме („Што би му рекла на мојот најдобар пријател кога би бил во истата ситуација?“). Важно е да примениме облици на внатрешен разговор кои ќе бидат фокусирани на самоподдршка, самоуправување и решавање на проблемите. Однесувањето кон себе со љубов, разбирање и простување ни овозможува да ги прифатиме сопствените несовршености и да негуваме безусловна самопочит и внатрешен мир. Ако нашите најцрни мисли се пораки кои никогаш не би им ги упатиле на нашите сакани, зошто ни е толку лесно да си ги кажуваме на себеси?

Простор за нова интерпретација

Животот е бескрајна отворена реченица со безброј значења и секогаш има многу начини да се погледне едно исто нешто. Меѓудругото, ова значи дека не мораме да робуваме на ограничувачки наративи кои оневозможуваат вистинска интеракција со нештата. Богатството од перспективи е богатство на духот. Кога ги прифаќаме концептите на лична одговорност и личен избор во однос на приказните кои си ги раскажуваме на себеси за себеси, сфаќаме дека дури и во услови на тешкотија, постои простор за извонреден личен развој. Неволјата, наместо да нè скрши, може да стане катализатор на внатрешна сила, рамнотежа и издржливост. Честопати, тешките времиња се истовремено и моменти кога во себе откриваме неочекувани резерви на решителност, храброст и емпатија.

Бидете свесни за приказната што се одвива внатре во вас. Станете активен дел од нејзиното создавање. Можеби немате целосна контрола врз тоа што ќе ви се случи, но секогаш имате способност да изберете како ќе го интерпретирате, во која приказна ќе го врамите и како ќе реагирате. Некогаш е доволно само да го пуштите доживувањето да помине и да остави простор за нови искуства. Користете ја моќта на вашиот ум за ваше најголемо добро.

Трансформацијата на нашите внатрешни приказни бара активен, свесен и континуиран ангажман. Преиспитувањето на негативните верувања и нивната замена со охрабрувачки наративи се клучни чекори за излегување од затворениот круг на депресијата. Барањето професионална поддршка преку советување или терапија обезбедува насоки и алатки што можат да го олеснат ова развојно искуство.

Побарај совет или насока од Марија Грубор

Марија Грубор приказните кои си ги раскажуваме

Преку колаборативен и сочувствителен терапевтски пристап, можам да ви помогнам да ги препознаете негативните наративи, да ги идентификувате когнитивните нарушувања, тешкото минато и да негувате самосочувство. Ако имате какви било прашања или сакате да истражите како можам дополнително да ве поддржам, слободно пополнете го формуларот подолу за да добиете еден бесплатен одговор. Доколку сте заинтересирани за понатамошна работа, ве поканувам да изберете термин за сесија преку мојот календар во апликацијата. Ви посакувам среќа во внатрешните патувања!