fbpx

Зошто прифаќање на вашата моментална реалност е од суштинско значење за позитивна промена

Сечиј живот носи уникатни предизвици и непредвидливи промени. Сите понекогаш се наоѓаме во тешки или комплексни ситуации кои би сакале позитивно да ги трансформираме. Прифаќање на реалноста е клучен аспект на личниот раст. Затоа, во оваа статија сакам да споделам неколку причини зошто прифаќањето е предуслов за промена – и првиот чекор поблиску до урамнотежен и исполнет живот.

Промената започнува со прифаќање

Секој успешен процес на промена започнува со прифаќање. За да стигнеме онаму каде што сме замислиле, мораме прво да погледнеме каде точно стоиме во овој момент и да ја прифатиме таа реалност. Ова ќе ни помогне да го пресметаме патот до целта и да го направиме првиот самоуверен чекор во правилната насока. Доколку одбиваме да ја прифатиме вистинската состојба на нештата, која можеби ни причинува болка, и претпочитаме илузија која нѐ штити од таа болка, добиваме привремен комфор но го оневозможуваме напредокот. Луѓето честопати имаат негативен став кон прифаќањето бидејќи го изедначуваат со рамнодушно помирување со ситуацијата. Но, прифаќањето не означува и согласување. Тоа воопшто не е пасивен процес, туку процес кој од нас бара храброст и самосочувство во еднаква мера. 

Замислете дека со месеци сакате да ослабете, но сѐ уште не сте забележале значителен напредок и чувствувате фрустрација. Со малку размислување, може да дојдете до заклучок дека многу повеќе посакувате да ослабете отколку што вложувате вистински труд во истото. Тоа сознание е можеби непријатно. Сепак, може да ви помогне да ги идентификувате основните проблеми и модели на однесување кои ѝ штетат на вашата цел. На пример, можеби емоционално се прејадувате, имате седентарен начин на живот или прекумерно конзумирате алкохол. Со прифаќање на вашата моментална ситуација, добивате можност да ги откриете следните чекори кон целта. Зашто кога ќе прифатиме каде точно се наоѓаме, исцртувањето ефикасна патека до крајната цел станува многу полесно. На овој парадоксален но интуитивен начин, прифаќањето е предуслов за промена.

Прифаќањето ни пружа:

Можност да ја признаеме и разбереме нашата моментална ситуација без осудување или обвинување

Преку прифаќање на нашите околности, можеме да го избегнеме заглавувањето во негативни емоции или самоуништувачки мисли. Наместо тоа, можеме да се фокусираме на она што треба да се направи за да продолжиме напред кон позитивни промени.

Прифаќање на неизвесноста што доаѓа со промените

Кога се спротивставуваме на промените, се обидуваме да се држиме до познатото, дури и кога тоа е штетно. Стабилизирачката моќ на прифаќањето ни овозможува да ги признаеме неизвесноста и нејаснотијата кои доаѓаат со промените. Дополнително, прифаќањето ни овозможува и да создадеме отворен начин на размислување кој е не подготвува да истражеме нови опции.

Размуност

Прифаќањето е разумен став во однос на сето она што е надвор од наша контрола и наша одговорност. Наместо да трошиме време и сила во лутење или жалење околу нештата кои не се во наша контрола, како на пример минатото, туѓите мислења или хаотичниот сообраќај, можеме да ги фокусираме нашите ресурси на оној дел од ситуцијата врз кој имаме контрола, како што се нашите сопствени интерпретации на светот и реакции кон истиот. Ова ќе нѐ наведе конструктивно да одговориме на ситуацијата. Исто така, може да ни помогне да откриеме голем резервоар на лична моќ во себеси.

Зголемено чувство на самоефикасност

Самоефикасноста се однесува на нашето верување во нашата способност да се справиме со тешки ситуации и да решаваме проблеми. Кога ја прифаќаме нашата моментална ситуација, ја признаваме реалноста на нашите околности и преземаме одговорност за нашиот сопствен одговор. Ова може да ни помогне да развиеме чувство на контрола, што ја намалува безнадежноста и ни овозможува доверба во нашата способност да се справиме со идните предизвици.

Пофлексибилен начин на размислување

Кога се спротивставуваме на промените, ја ограничуваме нашата способност да се приспособиме на нови ситуации. Меѓутоа, кога практикуваме прифаќање, се отвораме за нови можности и перспективи. Со ова развиваме поотворен и пофлексибилен начин на размислување. Ваквиот начин на размислување не прави подобро опремени да се справуваме со неизвесностите на животот.

Но понекогаш прифаќањето е најтешкото нешто на светот, зашто е отежнато од појава на отпор. Отпорот е вообичаен одговор на нешта со кои не сакаме да се соочиме и доаѓа во различни форми. На пример, може да се манифестира како негирање, избегнување или бегство од предизвиците и промените, или одложување на преземањето дејство или носењето одлуки. Иако неговата улога е да нѐ заштити од болка, во многу ситуации тоа може да биде пречка за нашиот личен развој бидејќи создава состојба на внатрешна напнатост и го отежнува дејствувањето и движењето напред. 

Прифаќањето и самосвесноста

Прифаќањето е моќна алатка за градење на самосвесност бидејќи ни овозможува искрен и неосудувачки поглед кон себе и нашата реалност. Кога избираме да ги прифатиме нештата, го откриваме нивното вистинско лице, ги нарекуваме со нивното вистинско име, и соодветно ги сместуваме во поширокиот конекст на случки и односи во кој секојдневно функционираме. Ова ни овозможува да ја зголемиме свесноста за сопствените мисли, чувства, ставови и однесувања кои придонесуваат во нашот внатрешен немир. Прифаќајќи ги со свесност и разбирање, им ја одземаме деструктивната моќ која ја имаат врз нас.

Што ако се борите со депресија или анксиозност? Прифаќањето на непосредната реалност може да ви помогне да станете посвесни за емоционалните тригери, негативниот внатрешен говор и искривените верувања. А можеби уште поважно, може да ви помогне да излезете од замката на самоосудата. Прифаќањето секогаш содржи дозвола нештата да бидат какви што се, односно ја содржи моќната порака „Во ред е да се имаат овие чувства и мисли. Во ред е да си она што си. Во ред е да си онаму каде што си.“ 

Со прифаќање на вашата моментална ситуација – наместо нејзино негирање или искривување – добивате прилика да ги истражите основните причини за вашите емоционални состојби, да стекнете увид во вашите мисловни и бихејвиорални обрасци, и да ги идентификувате областите во кои се неопходни промени. На овој начин, самосвесноста и прифаќањето можат да придонесат кон подлабоко разбирање, сочувство и одговорност за себеси, подобрување на менталното здравје и поисполнет живот на секое поле.

Побарај совет или насока од Марија Грубор

прифаќање марија грубор

Како психотерапевт во едукација, можам да им помогнам на клиентите кои се соочуваат со прашања поврзани со прифаќањето преку создавање безбеден и неосудувачки простор каде што ќе можат да ги истражуваат своите мисли и емоции.

Можам да понудам и алатки и техники за да им помогнам да развијат поприфатлив став кон себе и кон другите. Ова може да вклучува практики на внимателност, когнитивно-бихејвиорална терапија и други интервенции засновани на докази. Дополнително, можам да работам со клиентите за да ги идентификувам и оспорувам сите негативни верувања или самоговори што може да ја попречат нивната способност да се прифатат себеси и другите.

Доколку имате прашање или ви е потребна насока или совет, пополнете го формуларот подолу. Јас ќе ви дадам бесплатен пишан совет и доколку мислам дека има потреба заедно да работиме ќе ви понудам бесплатна или консултативна сесија со значителен попуст.

Прифаќањето содржи самосочувство

Самосочувството, односно сочувството со себеси, е клучен елемент на емоционалната добросостојба и зрелост. Тоа значи дека, дури и во тешките времиња, имаме способност кон самите себе да се однесуваме со истата љубезност, грижа и разбирање кои би му ги пружиле на најблискиот пријател. Самосочувството вклучува свесност и признавање и прифаќање на грешките, ограничувањата и слабостите, но без активација на самоосуда и самоомраза.

Прифаќајќи ја моментална ситуација, стануваме отворен извор за самосочувство. Наместо да се чувствуваме лошо поради нешта кои не можеме да ги контролираме, учиме да бидеме љубезни кон себе. Со прифаќање на нашите сегашни ограничувања, можеме да го замениме негативниот внатрешен говор со многу поохрабрувачка верзија. На пример, наместо да си речеме „Јас сум неуспех“, можеме да научиме да кажеме: „Се борам, но тоа е во ред. Давам сѐ од себе“.

Прифаќањето нè поттикнува да се однесуваме со сочувство кон себе. Истражувањата покажуваат дека самосочувството е поврзано со поголема психолошка добросостојба, пониски нивоа на анксиозност и депресија, зголемено емоционално здравје и когнитивна флексибилност. Кога практикуваме самосочувство, учиме самоприфаќање со сите недостатоци, како и љубезни кон себе, без оглед на она што се случува. 

Секој момент е нова шанса за себеприфаќање 

Со оглед на тоа дека секој од нас има вистинска контрола само над себеси и својот живот, способноста за прифаќање е една од основните алатки за личен спокој, раст и развој. Со прифаќање можеме да ја зголемиме самосвесноста и издржливоста, да ги намалиме отпорот и очајот, и да го направиме првиот чекор кон посакуваната промена.

Во мојата работа, секојдневно сведочам за трансформативната моќ на прифаќањето врз животите на луѓето. Ова е нешто кое секој од нас го совладува на различен начин, но неговите придобивки се универзално лековити за сите. Се надевам дека ќе продолжите да ги зајакнувате своите капацитети за прифаќање, и ќе си ги овозможите исцелувањето и трансформацијата кои ги посакувате.