fbpx

Гласови во мојата глава – внатрешен критичар

Од моментот кога ги отвараме очите наутро, па се до заспивање навечер во нашата глава се води непрекинат разговор. Содржината на разговорот кој го водиме со себе има големо влијание врз нашето ментално здравје.  Понекогаш, можеби се чувствуваме како во нас да живеат повеќе личности различни помеѓу себе. Според теоријата на трансакционата анализа во секоја личност постојат три его – состојби: Дете, Родител и Возрасен.

Тие се менуваат во нас од момент во момент. Родителот може да биде доминантно негувачки или доминантно критички. Внатрешниот критичар е производ на интернализираниот Родител. Тој претставува збир на однесувања, мисли и чувства кои се копирани, позајмени или научени од родителските фигури во нашето детство. Многу е веројатно дека  искажаните негативни родителски ставови биле резултат на родителската грижа за нашата добросостојба, безбедност и сигурност, а сепак биле израз на критика, разочарување и неприфаќање.

Овој внатрешен критички глас сите го имаме, повеќе или помалку. Мојот внатрешен критичар никогаш не беше задоволен од мене. Често ми наоѓаше и најситни замерки, анализирајќи се до најситен  детал. За мал пропуст ми сервираше големи казни. Ништо не беше добро. Не бев добра ни јас, требаше да бидам поинаква. Требаше да молчам за да не ги вознемирувам другите. Да не се лутам, кога некој ќе ме налутеше. Да не бидам тажна, кога имав многу причини за тоа.  Да бидам тивка, послушна, мирна, да следам строги правила и да внимавам да не згрешам. Имаше големо влијание врз мене на начин кој ми ја одземаше енергијата, самодовербата и радоста наметнувајќи чувства на вина, страв и срам.

За среќа, неговото влијание може да се намали ако сме спремни да поработиме на тоа.

Дијалог со внатрешниот критичар

Свесноста е најважна при било каква промена. За да го намалиме неговото влијание треба да станеме свесни за пораките кои ги добиваме. Можеме да ја следиме соджината на нашите мисли и да ги запишуваме негативните пораки кои  добиваме за да знаеме точно каде и како најчесто се критикуваме. Исто така, може да размислиме дали овие пораки сме ги слушнале од некој во нашето детство. Најверојатно потекнуваат од некоја родителска фигура во нашиот живот. Ова сознание ќе ни помогне да сфатиме дека тие се само нечие гледиште кое сме го прифатиле а не се наша вистина.

 Водете разговор со критичкиот дел од себе. Седнете на тивко место, опуштете се и поведете разговор. Прашајте го зошто е тука? Каде го научил ова што ви го кажува? Дали можеби сака некако да ви помогне со своето постоење? Што му е потребно? Потоа влезете во улогата на вашиот критичар и одговорете на овие прашања. Кога ќе завршите повторно сменете ги улогите. Зборувајте за тоа колку долго сте критикувани, како се чувствувате заради тоа, што ви е потребно?

Можете да ги менувате улогите додека имате што да кажете.

Водењето дијалог со внатрешниот критичар е техника која мене лично ми помогна да го прифатам како еден дел од мене, а не како моја суштина и вистина. Ми даде чувство на контрола врз него и зголемена свесност за она што се случува во мојата глава. Сепак, односот кон себе е од најголемо значење за  психолошка добросостојба.

Побарај совет или насока од Елена Кабранова

Гласови во мојата глава

Со создавање на поддржувачка и емпатична средина, им помагам на клиентите да ги истражат и разберат нивните емоции, да развијат ефективни стратегии за справување и да практикуваат техники за решавање проблеми. Мојата цел е да ги поттикнам поединците самоуверено да се движат во социјалните интеракции, ефикасно да управуваат со стресните фактори и да негуваат позитивни односи. Ако имате какви било прашања или грижи, пополнете го формуларот подолу и со задоволство ќе ви помогнам.