fbpx

Пасивна комуникација – како влијае на нашите релации?

Во литературата се опишани четири основни типови на комуникација: агресивна, пасивна, пасивно – агресивна и асертивна комуникација. Начинот на кој комуницираме со другите кажува многу за нас како личности. Видовите на комуникација се разликуваат според тоа како ги изразуваме нашите чувства, потреби и мислење.

Луѓето имаат вообичаената тенденција да ги кријат своите вистински емоции – страв, тага, анксиозност, осаменост – во социјални ситуации. Стравот од судење и желбата да изгледаме присебно често нѐ наведува да ги прикриваме своите ранливости. Сепак, постои алтернативен пристап: наместо да се преправаме дека сè е во ред, би можеле да размислиме да се отвориме за нашите внатрешни борби и да ги изразиме своите вистински чувства онаму каде што е “дозволено” – кон нашите најблиски.

Што е пасивна комуникација?

Пасивната комуникација подразбира неизразување на сопствените мисли и чувства и ставање на потребите на другите луѓе пред своите. Луѓето кај кои овој тип на комуникација е доминантен, имаат чувство дека нивните потреби не се важни и го прават она што го сакаат другите. Некои нивни бихејвиорални карактеристики се:

  • Активно избегнување конфронтација – избегнуваат да застанат на своја страна и да се одбранат кога се чувствуваат искористени или занемарени бидејќи се плашат да бидат отфрлени. На пример, пасивна личност на работното место нема гласно да каже дека има потешкотии во својата работа заради неодговорното однесување на некој друг заради стравот од отфрлање.
  • Несвесност за своите чувства –  често ни самите не се свесни за тоа што го сакаат и како се чувствуваат во одредена ситуација и затоа не реагираат. Оставаат впечаток на личности со кои е “лесно“ да се биде бидејќи секогаш се сложуваат со се.
  • Им веруваат на другите, а не си веруваат себе си – бараат потврда од другите за своите одлуки. Не се сигурни се додека некој друг не се сложи со нивното мислење. На пример, пасивната личност нема да може да одбере да купи или направи нешто се додека некој друг не и укаже на исправноста на одлуката.
  • Обвинување на другите – не превземаат одговорност за “лошото место“ на кое се наоѓаат и ги обвинуваат другите за тоа, притоа не правејќи ништо за да излезат од проблемот во кој се наоѓаат.
  • Неизразување на своите чувства и потреби – не практикуваат директна и отворена комуникација туку очекуваат другите да знаат што сакаат и што мислат. На пример, жената  сака да ја помине вечерта заедно со својот сопруг, но тој и кажува дека се договорил да излезе со свој другар. При тоа таа не ја кажува  нејзината потреба повлекувајќи се во разочараност и лутина.

Влијанието на пасивна комуникација

Луѓето со пасивен комуникациски стил често искусуваат:

  • анксиозност бидејќи им се чини дека животот е надвор од нивна контрола
  • депресивност бидејќи се чувствуваат заглавени и безнадежни
  • огорченост бидејќи потребите не им се задоволени
  • збунетост бидејќи ги игнорираат сопствените емоции

Пасивната комунакција води до потешкотии во одржување на здрави врски со другите луѓе бидејќи кога потребите и емоциите не се јасно и гласно изразени се остава простор за манипулација со срам и вина, збунетост, обвинување на другиот, емоционална дистанцираност, незадоволство од другиот итн. Пасивната комуникација е поврзана и со ниска самопочит, ниска самодоверба и социјална анксиозност и речиси секогаш е резултат на детство во кое не било дозволено искажување на директен и искрен начин.

Стилот на комуникација кај една личност е стабилна шема која се повторува во текот на животот. Сепак, доколку не ни се допаѓа начинот на кој комуницираме со другите, тој може да се промени. Откако ќе станеме посвесни за тоа колку не сакаме директно да комуницираме, можеби ќе можеме да почнеме да преземаме акција. Способноста да се постигне овој подвиг се потпира на задржување на дополнителнa зрелост: знаење дека секој е, во душата, исплашен, тажен, осамен и вознемирен, како и ние самите. Ќе ги изградиме оние релации што ги посакуваме, само кога ќе се осмелиме да ги откриеме и да се приспособиме кон актуелните сложености на човековата природа.

Се трудиме речиси секогаш да избегнеме да кажеме како навистина се чувствуваме – или што искрено сакаме. Можеме да си дозволиме да малку бидеме похрабри. Можеме да си дозволиме да им го кажеме она што навистина го чувствуваме на оние кои заслужуваат да го слушнат тоа.

Она на што треба да се обрне внимание кај пасивните личности е развивање на свесност за своите потреби и чувства, развивање на чувство на важност и прифаќање на своите права, директно и јасно изразување, превземање одговорност за својот живот, доверба во сопствените капацитети…

Побарај совет или насока од Елена Кабранова

Пасивна комуникација елена кабранова

“Ја сум тука да ти помогнам ако се бориш со пасивна комуникација и имаш потешкотии да се изразуваш директно.”

Ако имате прашања или ви треба поддршка за подобрување на вашите комуникациски вештини, само пополнете го формуларот подолу.