Најпознати пореметувања во исхраната се анорексија и булимија. Истите се вброени во класификацијата на болести на Американската психијатриска асоцијација од 1980 година, како подвид на пореметувањата во детството и адолесценцијата. Нездравите навики во исхраната, како што се строгите диети, прејадувањето и користењето на штетни начини за контрола на тежината (пример: повраќањето или употребата на лаксативи), претставуваат сериозен проблем и причина за посета на психолог.
Анорексија
Анорексија нервоза е сериозно психичко пореметување кое се карактеризира со редукција на земањето на храна, одржување на минимална телесна тежина, преокупираност со тежината и изгледот, интензивен страв од евентуално покачување на тежината и некритично оценување на сопствениот изглед, односно искривена перцепција за истиот. Анорексијата е начин на кој лицето се обидува да излезе на крај со своите емоционални проблеми, перфекционизмот и желбата за контрола. Анорексијата често само е несоодветен начин на кој личноста се обидува да ја зголеми самодовербата.
Психичките повреди, потреси, конфликти, можат да го предизвикаат ова пореметување, а во анамнезата често се среќава одвојување, отфрлање, смрт во семејството, пореметување во половиот развој и сл.
Лицата кои имаат анорексија телесната тежина често ја контролираат со намерно гладување или прекумерно вежбање. Најчесто се појавува кај адолесцентните девојки и има највисока смртност помеѓу психичките пореметувања, со оглед на тоа што 10 % од лицата со дијагностицирана Анорексија нервоза имаат сложено пореметување кое вклучува психолошки, невробиолошки и социолошки компоненти. Психолошки симптоми кои се јавуваат се апатија, депресија, губење на интересот за социјални контакти, а социјалните контакти се исполнети со агресија и непријателство.
Анорексија и депресија
Поврзаноста на анорексијата со депресијата е јасна, бидејќи кај лицата со анорексија животната динамика и нагонските потреби се намалени, постои непријателски однос кон себе и кон светот. Агресијата често е блокирана и се насочува кон себе.
Прогнозата на анорексијата зависи од причините и длабочината на конфликтите кои стојат во позадината на пројавените симптоми, одбраната на организмот и подготвеноста на лицето за лекување. Пореметувањето може да трае долго време во поблаг облик, а помош се бара кога телесната тежина е премногу намалена и кога психичките промени почнуваат значајно да пречат во секојдневното функционирање.
Во фокусот на лекувањето е психолошкото лекување, кое може да вклучува индивидуална, семејна или групна психотерапија и советување, често комбинирано со антидепресиви и совети за исхрана од нутриционист. Целта е соодветно да се реагира на чувството на глад и ситост, како и правилно разбирање и изразување на емоциите.
Како советничка по Интегративна и Гешталт психотерапија, вклученаа во тимот на Разговор.мк, со лицата кои го имаат овој тип на нарушување во исхраната, работиме не само на нарушувањето во исхраната, туку и на личноста, земајќи ја во предвид целината од симптомите, личноста и околината.
Работиме заеднички на:
- Запознавање на силите и мотивацијата;
- Заедничко барање одговор на прашањата:- Кој/а сум јас? и – Што сакам во животот?
- Свесност, автентичност, одговорност;
- Препознавање на емоциите;
- Емоционална регулација;
- Поттикнување на асертивност и комуникација;
- Работа на односите;
- Работа на себе и сликата за себе и
- Насочување кон симболиката на хранењето и симболиката на симптомите.
Побарај совет или насока од Билјана Стојановска
Ако се чувствувате заробени во вашата болка, не треба сами да се справувате со тоа. Доколку имате прашања или ви треба насока, слободно контактирајте ме со пополнување на формуларот подолу.