fbpx

Како да се поддржат децата при разделба на нивните родители

На скалата на стресни животни настани разводот котира високо, веднаш по смрт на дете и брачен партнер и не случајно е така затоа што навистина претставува вистински земјотрес за сите семејни членови. Носи огромно чувство на загуба и вознемиреност. 

Разводот има значителен ефект на семејниот систем и може да предизвика различни промени и да донесе огромни предизвици посебно за децата и затоа во разводниот процес приоритет треба да биде да им се обезбеди на децата стабилна и поддржувачка средина. 

Како разводот влијае на децата?

Разводот има значително влијание врз децата. Скоро секогаш е присутно емотивното страдање и ефектите можат да бидат различни во зависност од возраста на детето, неговата личност, и начинот на кој разводот се управува. 

Еве како разводот може да влијае на децата според нивната возраст:

Предучилишна возраст: Разводот може да има силно влијание на предучилишните деца, кои се на возраст кога нивните когнитивни и емоционални вештини се во развој. На оваа возраст, децата не секогаш можат да го разберат концептот на разводот па може да се јават: конфузија и емоционален стрес- односно страв од напуштање, регресија во однесувањето, проблеми со спиење и сон, промени во апетит, промени во рутина и однесување итн.

Училишна возраст: Децата на училишна возраст може да се чувствуваат запоставени, несигурни и тажни, да е присутно чувството на вина, анксиозност (пр. страв, болки во главата, стомакот), гнев, фрустрација, промени во однесување, запоставување на училишни обврски, проблеми со врсниците, тешкотии во адаптација на новонастанатата ситуација итн. 

Адолесценти: Децата на оваа возраст подобро ја разбираат ситуацијата, но може да се појави: лутина (посебно кон оној родител за кој сметаат дека го предизвикал разводот), срам, повлекување или претерана зависност, промени во однесувањето, проблеми со идентитетот, загриженост (особено околу финансиската ситуација), намалување на училишниот успех итн. 

Што можат родителите да направат?

Најважното нешто што треба да се има во предвид е дека разводот се случува помеѓу брачните партнери, а не помеѓу родителите кои својата родителска улога ја задржуваат без разлика на брачниот статус.

Поддршката на децата за време на разводот бара внимателен пристап и разбирање. Обезбедувањето стабилност, отворена комуникација и блиски релации со двата родители можат да помогнат во намалувањето на стресот и во подобрувањето на адаптацијата на детето на новата ситуација.

Еве неколку стратегии за управување со предизвиците што претстојат:

1. Отворена и јасна комуникација

Објаснете му на детето што се случува на начин прилагоден на неговата возраст. Објаснете дека разводот не е нивна вина и дека и двајцата родители продолжуваат да ги сакаат безусловно. Оставете простор за детето да поставува прашања и обидете се да одговорите искрено.

2. Создавање на стабилност и рутина

Колку што е можно, задржете ја дневната рутина на детето стабилна. Ова вклучува редовни оброци, време за спиење и активности.  Ако треба да се променат навиките или распоредот, обидете се да ги направите промените постепено и да го информирате детето однапред. 

3. Емоционална поддршка

Овозможете им на децата да разговараат за своите чувства и да ги изразат на начин што им одговара, било преку зборување, цртање или игра.

Размислете за консултирање со детски психолог или семеен терапевт ако детето покажува значителни знаци на стрес, анксиозност или депресија.

4. Одржување на блиски релации со двата родители

Обезбедете му на детето да има редовен и близок контакт со двата родители, без оглед на конфликтите помеѓу родителите.

На детето му е важно присуството на двата родители подеднакво, дури и при физичко отсуство на едниот, важна е неговата емоционална присутност.

5. Оддржување на позитивен родителски однос

Работете заедно со поранешниот партнер за да се обезбеди координација и поддршка за детето. Обидете се да создадете договори за родителските обврски и да ги почитувате. Ако е возможно, одржувајте отворена и конструктивна комуникација со поранешниот партнер за доброто на детето. Поставување на јасни граници, правила и усогласување на родителските ставови треба да продолжат како и пред разводот.

6. Одржувајте комуникација со почит спрема другиот

Избегнувајте да зборувате негативно за другиот родител или да препишувате вина, дури и ако се чувствувате лути. Децата треба да чувствуваат дека и двајцата родители се вредни и дека не треба да избираат страни. Ова помага да се спречат конфликти околу лојалноста и ја поддржува отворената комуникација.

7. Поддршка на социјалните врски и активности

Поттикнете ги децата да одржуваат врски со своите пријатели и да учествуваат во активности што ги сакаат. Ова може да им помогне да се чувствуваат поврзани и поддржани.

Овозможете им да се занимаваат со активности и интереси што им донесуваат радост и задоволство.

8. Препознајте ги промените во однесувањето и побарајте стручна помош

При развод, родителите треба да внимават на знаци како емоционална нестабилност, промени во однесувањето, и проблеми со социјализацијата кај детето. Ако промените траат подолго време, се влошуваат или влијаат на секојдневниот живот на детето, или ако домашните стратегии не помагаат, тоа може да укаже на потреба за стручна помош. Навремена интервенција од детски психолог или семеен терапевт може да помогне во справувањето со стресот и адаптацијата.

Запомнете дека останување во дисфункционален брак поради „доброто“ на децата не носи придобивки ниту за децата, ниту за брачните партнери. На детето му се потребни љубов, мир и хармонија без разлика на брачниот статус на родителите. 

Иако разводот е прав земјотрес за сите членови, доколку постои соработка, разбирање и јасна и искрена комуникација многу полесно и побрзо ќе се надминат сите потешкотии и предизвици.

Побарај совет или насока од Александра Милевска

разделба Александра Милевска

Справувањето со предизвиците од разводот додека се грижите за децата може да се чувствува огромно. Јас сум тука да ви помогнам да ги разберете емоционалните потреби на вашите деца. Да ве спроведам низ стратегии за да ги поддржите за време на оваа транзиција. Мојот пристап е вкоренет во емпатија и практични совети, фокусирани на одржување на стабилноста и поттикнување на комуникацијата помеѓу сите членови на семејството.

Ако имате какви било прашања или ви е потребен совет, слободно пополнете го формуларот подолу.