Со децении, научниците ги истражуваат мистериите на привлечноста. Честопати веруваме дека привлечноста се однесува исклучиво на физичкиот изглед – или сме родени привлечни, убави или не сме. Незадоволството од вашиот изглед, создава чувство дека сте осудени на пропаст во љубовниот живот или кариерата, што за жал и не е далеку од модерната перцепција за успешен човек.
Сепак, психологијата ни укажува и потенцира дека привлечноста е многу повеќе од само “убаво лице”. Карактерот игра голема улога. Луѓето со позитивни карактеристики се природно привлечни. Интересно е тоа што и близината раѓа наклонетост. Ние имаме тенденција да нè привлекуваат луѓе што често ги гледаме и со кои се запознаваме лично. Истото важи и за оние на кои ние им се допаѓаме – реципроцитетот е моќна сила во привлекувањето. Генерално, повеќе нè привлекуваат луѓе кои се слични на нас.
Иако можеби звучи навистина погрешно да биде така, но вистината е дека повисокиот социјален статус е генерално попривлечен отколку понискиот.
Добрата вест, е значи, дека можеме да ги компензираме недостатоците во делот – надворешен изглед, со подобрување на нашите карактерни особини, со зголемување на нашиот социјален статус, со покажување на нашите афинитети кон некого со надеж за реципроцитет и со барање луѓе кои се повеќе слични отколку различни со нас.
Опсесијата на општеството со физичката убавина ја “заматува” вистинската слика
Нашата култура е бомбардирана со пораки за физичка привлечност. Науката вели дека сексот е поврзан со биологијата и репродукцијата, така што најсексапилните луѓе мора да имаат совршена симетрија, светли очи и полни усни. Пораката која мозокот ја чита одбирајќи партнер/ка кој/а е убав/а, висок/а, згоден/на е дека таа личност е здрава и има потенцијал да ни “подари” здраво потомство. Овој момент е втиснат во мозокот, како резултат на цела историја на еволуциски промени на човечкиот мозок.
Но, еволуцијата ги направила луѓето многу посложени од само нивната билогија. Нашите биолошки нагони се испреплетени со длабоки емоционални потреби. Најголемата? Поврзување. Една од најважните човечки потреби е да ја споделиме нашата ранливост со личност со која сме безбедни, сигурни и интимни.
Вистинската привлечност доаѓа од емотивната достапност.
Оваа емоционална потреба објаснува зошто некои луѓе, кои изгледаат совршени според биолошките стандарди, може да не’ остават ладни. Исто така, објаснува зошто другите, кои не ги исполнуваат овие физички стандарди, имаат ретка привлечност надвор од нивниот изглед.
Луѓето кои ги сметаме за привлечни, и покрај нивниот изглед, често покажуваат способност да ја исполнат емотивната цел на љубовта. Нивните реакции на шегите, начинот на кој ја креваат веѓата, движењето на челото и начинот на кој ги држат рацете како и многу други детали, ни кажуваат дека можеби ги разбираат нашите “скршени” и конфузни страни, ни помагаат во нашата осаменост и нè уверуваат во нашата вредност. Овие квалитети, не само квалитетот на кожата или симетријата на лицето, навистина нè возбудуваат. Во осамен свет, ова е вистинска предност.
Со фокусирање на психолошките особини кои ја зголемуваат привлечноста, би можеле да научиме повеќе да го цениме автентичниот начин на размислување, а не стереотипниот и општествено наметнат генерализиран начин на перцепција на убавината. Со подобро разбирање на целите на сексуалноста, но и пошироката психолошка слика, некои особини може да се сметаат за вредни извори на сексапилност. Еве некои од нив:
Да се биде малку поразличен од мејнстрим општеството – Бунтовнички дух:
Често чувствуваме притисок да се вклопиме и да ги исполниме заедничките стандарди околу тоа што е добро и прифатливо во општеството, а што може да не’ oддалечи многу од нашето вистинско јас. Олеснување е да се најде некој кој со мал гест покажува дека може да види надвор од овие стандарди. Привлечноста може да се чувствува како заговор против општествените норми.
Отвореност и прифаќање:
Колку повеќе се истражуваме себеси, толку повеќе сфаќаме дека длабоко во нас имаме скриени елементи – ранливости, тежини, темнини. Ние копнееме да бидеме видени и прифатени за сето тоа. Некој што ги истражувал сопствените сенки и може да го прошири погледот без осудување кон нашиот свет е неверојатно привлечен. Капацитетот за самоспознавање е во срцето на нашите најдобри склоности што безусловно води кон простување, љубезност, креативност и мудро донесување одлуки.
Самоконтрола:
Оваа одлика ја имаат личности кои се типично многу внимателни во своето однесување. Меѓутоа, под таа мирна надворешност, сите ние поседуваме скриена енергија и нетрпеливост. Повремено, оваа енергија може да се манифестира како агресија и гнев, но да се биде вешт во управувањето и контролирањето на овие емоции во секојдневните интеракции со другите е огромна позитивна карактеристика.
Дополнително, оној кој има самоконтрола знае да балансира меѓу тоа што е добро и лошо. Личностите со високо ниво на самоконтрола лесно се справуваат со одговорноста и обрските, но сепак имаат и разиграна, дива страна, што ги прави истовремено и сигурни и возбудливи.
За крај, љубезност.
На голем дел од нас ни треба сочувство и емпатија. Привлечно е да се најде некој кој покажува подготвеност да прости и да ги разбере човечките несовршености. Човек кој може великодушно да се смее со нас, бидејќи тоа ни пренесува порака дека тие знаат и се слободни да го направат истото со себе.
Побарај совет или насока од Нина Тасевска
Во нашите заеднички сесии, приоритет ми е да негувам длабоко чувство за поврзаност и доверба, верувајќи дека исцелувањето и растот произлегуваат од вистинската човечка врска. Работам заедно со клиентите за да ги отпакувам основните причини за нивните борби, без разлика дали тие произлегуваат од лични искуства, општествени притисоци или комбинација од двете. Преку сочувствително истражување и размислување, откриваме модели, верувања и механизми за справување кои можат да придонесат за нивната неволја.
Мојата крајна цел како терапевт е да ги поттикнам клиентите да негуваат поголема самосвест, издржливост и емоционална благосостојба.
Ако ви е потребна поддршка, ве поканувам да го направите првиот чекор со пополнување на формуларот подолу.