fbpx

Поставување на лични граници – умешноста да се каже НЕ

Зошто е важно да се постават здрави граници во релациите?

Психолошките граници можеме да ги разбереме како чувство на простор помеѓу нас и другите, односно линија која означува каде престануваат нашите потреби, уверувања, вредности, а каде започнуваат потребите на другите. Тоа претставува психолошко доживување на просторот кој не оддвојува од другите. Границите овозможуваат да се изрази сопствената автономија, идентитетот и потребите, чувајќи не од емоционално исцрпување и злоставување.

Поставувањето на функционални граници е клучно за одржување на емоционалната и менталната благосостојба и негување здрави релации во секој систем, без разлика дали тоа е семејството, работното место или заедницата. Границите го дефинираат начинот на комуникација во системот. 

Поставувањето на граници не значи  разделување или пак одбивање на другите, туку создавање на простор за почитување и соработка. Функционалните граници  ни даваат чувство на сигурност, а покрај тоа, што можеби е и поважно – чувство на достоинственост и самопочит.  Тие го штитат нашиот идентитет, без кој во релациите не сме целовити и автентични.

Многу значајна карактеристика на границите е нивната флексибилност, можат да бидат  пропустливи или ригидни, во зависност од контекстот и релациите во кои сме вклучени.Тие се динамични, се менуваат минувајќи низ различните животни фази и различните животни ситуации. Она што во минатото сме го сметале за прифатливо може да стане неприфатливо во сегашноста и обратно.

Зошто ни е тешко да поставиме граници?

Поставувањето на граници може да биде особено тешко и предизвикувачко кога од другата страна се луѓе со кои сме силно емоционално поврзани (семејство, пријатели, партнер). Важно е да разбереме дека љубовта не ги исклучува границите, иако можеби сме учени дека не е така. Многу луѓе водени од потребата да бидат сакани и прифатени, а многу често и од страв од отфрлување, се согласуваат на она што не им одговара (свесно или несвесно) и на овој начин им дозволуваат на другите да ги поминат нивните граници.

Некои од основните причини за отсуството на граници

  • Страв од неодобрување или отфрлување
  • Чувство на нелагодност и срам заради заземањето за себе
  • Уверување дека сме себични ако поставиме граници
  • Стекнати уверувања во семејството како и културолошкото влијание
  • Несигурност и недостаток на самодовреба
  • Несвесност за границите и опцијата да се каже НЕ во одредени ситуации
  • Претпоставка дека другите треба да знаат дека нешто не е во ред дури и ако не им кажеме дека е така
  • Недостаток на вештини на комуникација и долседност..

Како да поставиме функционални граници во релациите?

Веднаш треба да потенцираме дека ова воопшто не е лесен процес и дека често ќе не обесхрабрува стравот кој ке ни се појави од нечија реакција. Можеби можете да замислите до какви непријатни ситуации би можело да дојде и да се припремате и за најлошиот исход. Сепак,  вреди да се доживее таа краткотрајна непријатност која ќе ја надминете заради долгорочен здрав однос.

Поставувањето на граници е моќен чин на љубов кон себе, а во исто време ова ги зајакнува односите кои се добри а ги ослабнува оние кои не се.

Еве неколку совети кои би требало да ги примените кога ке започнете да поставувате граници во своите односи

Размислете за своите потреби 

Најпрво треба да ги препознаете своите емоционални и физички потреби за да можете јасно да ги дефинирате своите граници. Запознајте се себе си, своите емоции, вредности и идеали кон кои тежнеете. Често ни се случува нешто да не вознемири, а да не посветиме внимание за да разбереме зошто е тоа така. Кога нареден пат ќе ви се појави ова чувство на нелагодност со одредена личност или пак во одредена ситуација, размислете кој тип на граници ви е загрозен и заради што.

Комуницирајте јасно

Поставувањето на граници бара отворена и искрена комуникација со личностите кои ги имате во вашиот живот. Важно е своите потреби да ги кажете на емпатичен начин,  со почитување и уважување како на себе, така и на другите. Обратете внимание на тонот на гласот и говорот на телото бидејќи директното комуницирање не значи и дрскост. Бидете конкретни и јасни во изразувањето на своите граници. Лугето кои отворено го бараат она што им е потребно, најчесто го добиваат.

Научете да кажете не

Дозволете си да ги одбиете барањата или понудите кои не се во склад со вашите потреби и вредности. Оваа дозвола треба да си ја дадете самите на себеси. Ова бара време и трпение како и толеранција на непријатност. 

Бидете доследни

Доколку поставувањето на граници е нешто ново во вашиот живот и во вашите релации, постои можност вашите блиски најпрво да не ве сфатат сериозно и многу брзо да породолжат да се однесуваат како порано. При тоа многу важно е да покажете доследност и да се држите до своите граници. Ако некој ги премине, благо но одлучно потсетете го. Бидете стрпливи и покажете разбирање и емпатија кон другите, посебно ако ненемрено ги поминуваат границите.

Модифицирајте ги доколку е потребно

При запознавањето на себе си и креирање на квалитетни релации можно е да согледате дека некои граници сте ги поставиле премногу ригидно и дека сепак не ви одговара овој начин на комуникација. Или пак да согледате дека некаде тие се премногу пропустливи и дека сакате да бидат поцврсти. Дајте си слобода да ги менувате преку компромис и флексибилно, при тоа разбирајќи ги и почитувајќи ги другите.

Не обидувајте се да ги промените другите

Поставувањето на лични граници не ви дава право да ги преминувате туѓите граници. Не се обидувајте да ги “измените” другите и нивното однесување бидејки тоа е само губење на време и енергија. Јасно искомуницирајте што  за е вас прифатливо а што не е во некоја релација, без да навлегувате во туѓите причини и мотиви. Исто така сфатете дека не е ваша одговорност туѓото оденсување, како некој реагира или се однесува. Одговорни сте само за себе (и за своите малолетни деца).

Не се откажувајте

Запамтете, ова е процес. Имајте на ум дека границите не се договор кој се потпишува, па да се извршува. Имајте трпение, најпрво кон себе. Многу луѓе во текот на растењето не научиле да поставуваат граници во релациите. Ако сте помеѓу нив, може да се соочите со чувство на вина, а доколку другите не се навикнале на вашите граници може да дојде до нивна неочекувана емоционална реакција. Но, сепак ова не значи дека треба да се откажете.

Вештината да се каже „НЕ“ е од суштинско значење за  поставувањето на функционални граници.

Како да се каже НЕ –  уметност која за многу луѓе претставува предизвик. 

Бидете директни и јасни

Кога кажувате “Не” бидете директни и јасни. Избегнувајте двосмислени изјави кои би можеле да доведат до конфузија или да доведат до дополнителни преговори и дополнителен притисок. На пример, наместо да кажете: „Не, не сум сигурен дали можам да го направам тоа“, кажете: „Не можам да ја преземам таа одговорност во овој момент“. Ова ги зајакнува вашите граници и не остава простор за погрешно толкување.

Понудете алтернатива

Доколку е соодветно, предложете алтернативно решение или препорачајте некој друг кој би можел да помогне. Ова покажува дека сè уште поддржувате и сте ангажирани, иако не можете да учествувате. 

Методот „сендвич“

Методот „сендвич“ вклучува ставање на вашето „не“ помеѓу две позитивни изјави. Оваа техника го ублажува влијанието на одбивањето и помага да се одржи позитивен тон во разговорот. На пример, може да кажете: „Навистина ценам што мислите на мене за ова и би сакал да помогнам, но за жал, морам да одбијам овој пат поради претходни обврски.  Дефинитивно да останеме во контакт за идните можности“.

Вистинските промени не се случуваат преку ноќ. Започнете полека, со оние со кои се чувствувате најслободно да го направите тоа. На овој начин ќе напредувате со ваше темпо. Ќе имате време да разберете на кој начин промените влијаат на вас и дали се движите во вистинскиот правец. За да одржиме здрави и функционални граници многу е важно да отворено и јасно да комуницираме со луѓето со кои сме во релација. Отворените разговори ќе ни помогнат да ги изразиме своите потреби и очекувања.

Поставувањето на граници кои се премногу ригидни може да предизвика чувство на изолираност и да го оневозможи воспоставувањето на длабоките меѓучовечки односи, а од друга страна нивното отсуство може да резултира со прекумерно исцрпување и чувство на немоќ.  Границите служат како рамнотежа помеѓу отвореноста кон другите и заштита на сопствените потреби и емоционалното здравје, и затоа е многу важно да се совладаат вештините за поставување и почитување на истите во релациите.

Побарај дополнителен совет или насока од Гордана Манева

да се каже НЕ Гордана Манева

Тешкотиите да се каже НЕ и да се постават граници често произлегува од длабоката потреба да се задоволат другите или да се избегне конфликт, што носи огромно чувство на преоптовареност и емоционална исцрпеност, па дури и депресија. Јас сум тука да ви помогнам да ги истражите основните причини за овие модели и да ви помогнам да ја развиете довербата и самопочитта потребни за да го заштитите вашето време, енергија и благосостојба.

Заедно, можеме да создадеме стратегии кои ќе ви овозможат да поставите здрави граници без чувство на вина или страв од отфрлање.

Ако имате какви било прашања или ви е потребна насока, ве повикувам да ја споделите вашата грижа со мене – со пополнување на формуларот подолу.