Екранизам кај децата е феномен што го опишува прекумерното користење на електронски уреди како што се телевизори, компјутери, таблети и смартфони.
Како родители, денес постојано сме загрижени и претпазливи за времето кое нашите деца го поминуваат пред дигиталните уреди и како тоа влијае на нивните социјални вештини, мотивација, внимание, емоционална регулација и однесување. Со оглед на лесниот пристап до повеќе уреди (ТВ, iPad, компјутери, телефони итн.), електрониката е наше секојдневие. Времето поминато пред екранот исто така стана примарен извор на информации и забава за децата. Оттука, овие грижи се валидни и клучното прашање што треба да се постави е како времето поминато пред екранот влијае на развојот на децата?
Екранизам или дигитален аутизам: непрепознаено, модерно нарушување.
Овој феномен е сѐ позастапен во модерното општество и може да има различни последици врз физичкиот, когнитивниот и социо-емоционалниот развој на децата.
Постојната стимулација од екраните може да има сериозни и долготрајни ефекти врз централниот нервен систем кај децата кои се манифестираат на различни начини:
- Физички здравствени проблеми. Претераното седење пред екран може да доведе до проблеми со видот, дебелина и мускулно-скелетни проблеми.
- Внимание и концентрација. Брзото менување на слики и звуци на екраните доведува до пореметување на вниманието. Децата можат да станат навикнати на високо ниво на стимулација и да имаат потешкотии со концетрирање на помалку стимулирачки задачи како што се читање и учење. На училиште седењето на столче и следење на наставник може да претставува голема потешкотија или предизвик.
- Сензорна преоптовареност. Постојаната стимулација може да доведе до сензорна преоптовареност. Ова значи дека мозокот на детето се адаптира на високо ниво на стимулација и станува помалку чувствителен на понормални, секојдневни стимулации.
- Мозочен развој. Во раната возраст, мозокот е високо пластичен и подложен на промени како одговор на стимулите. Претераната употреба на екрани може да влијае на мозочниот развој, потенцијално влијаејќи врз когнитивните функции: перцепција, внимание, меморија, учење, мислење, говор, креативност итн.
- Социо-емоционален развој. Децата кои поминуваат многу време пред екраните може да имаат потешкотии во развојот на социјалните вештини и емоционалната интелигенција.
- Емоционална регулација. Брзото темпо и содржините на дигиталните медиуми може да предизвикаат зголемен стрес и анксиозност кај децата. Ова може да ја наруши способноста за емоционална регулација и да води до импулсивно однесување.
- Сон. Сината светлина од екраните може да го наруши создавањето на мелатонин, хормон кој го регулира сонот. Ова може да доведе до проблеми со спиењето што пак негативно влијае на когнитивниот развој и општото здравје кај детето.
Карактеристики на екранизам кај децата
Иако критериумите на екранизмот сеуште не се целосно дефинирани, еве неколку општи карактеристики на екранизам:
Детето покажува симптоми поврзани со расположение, анксиозност, учење, однесување или социјални интеракции кои предизвикуваат значителни потешкотии на училиште, дома или со врсниците. Типични знаци/симптоми имитираат хроничен стрес и вклучуваат раздразливо, депресивно или лабилно расположение, прекумерен бес, ниска толеранција на фрустрација, слаба саморегулација, неорганизирано однесување, слаб спортски дух, социјална незрелост, лош контакт со очите, несоница/не- ресторативен сон, тешкотии во учењето и слаба краткотрајна меморија.
Екранизмот уште се нарекува и псевдоаутизам, но важно е да правиме разлика помеѓу екранизмот и аутизмот:
- Екранизмот се јавува како последица на прекумерна употреба на електронски уреди а аутизмот претставува невробиолошко развојно нарушување присутно од раѓање.
- Симптомите на екранизмот се обично поврзани со времето поминато пред екран и покажуваат брзо подобрување кога ова време се намалува, а се зголемуваат реални социјални и физички активности, додека пак симптомите на аутистичен спектар на нарушување се постојани и присутни во различни контексти.
- Симптомите од екранизам значително се подобруваат или исчезнуваат со строго отстранување на електронските гаџети („електронска апстиненција“). Забрана од три до четири недели е доволна, но во тешки случаи може да бара и подолго време.
Некои деца можат да толерираат умереност после забраната, додека други се чини дека веднаш рецидивираат ако повторно се изложат. Оттука, е многу важно родителите да постават граници.
Што можат родителите да направат?
Поставете временски ограничувања
Воспоставете јасни правила за тоа колку време е дозволено секој ден пред екранот. Американската академија за педијатрија предлага ограничување на времето поминато на екранот на 1-2 часа дневно за деца на возраст од 2 и повеќе години. Достапни се и апликациии за надзор на времето поминато на смартфонот на детето кои ќе ги олеснат временските ограничувања.
Дополнително, назначете одредени области од домот, како трпезаријата или спалните соби, како зони без екран за да поттикнете повеќе интеракции лице в лице и да ја намалите преголемата стимулација.
Поставете структура и рутини кои поттикнуваат физичка активност и интеракции со врсниците
Поради бројни обврски, недостаток на поддршка и помош во родителствувањето, многу родители се принудени воспитувањето на своите деца да го препуштат на електронските уреди, и ова е во ред, доколку се работи за краток временски период. Останатото време се потребни и други активности како друштвени игри, физичка активност, прошетка, дружење со врсници.
Освен игрите, она што ги прави среќни децата е кога возрасните ги вклучуваат во своите активности. Поканете ги децата да ви помогнат да приготвите оброци, да ја поставите масата и да исчистите после оброците. Освен што ќе бидат ангажирани на овој начин децата се учат и на одговорност.
Ако на вашето дете брзо му здосадуваат играчките, постои метод со ротација на играчките. Децата со помалку играчки играат повеќе од оние кои имаат многу. Кога децата имаат на располагање помалку играчки, тие откриваат нови начини на игра, што го продлабочува самото искуство и ја поттикнува креативноста. Одлучете кои играчки ќе ги оставите на страна, а кои ќе му оставите на детето. По некое време, штом ќе забележите дека на детето му се досадуваат тие играчки, само заменете ги.
Од голема важност е да им дозволите и да се досадуваат. Досадата е важен дел од развојот на децата затоа што:
- Ја поттикнува креативноста. Кога децата се досадуваат тие се принудени да бараат нови начини на забава. Ова може да ги поттикне да размислуваат креативно, да измислуваат нови игри и активности или да откриваат нови интереси.
- Развој на самостојноста. Децата учат да се забавуваат сами без постојана надворешна стимулација или помош од возрасните. Ова ја развива нивната способност за самостојно размислување и решавање на проблеми.
- Емоционална регулација. Учењето како да се справуваат со досада е добро за да им помогне на децата да ги развијат своите вештини за емоционална регулација. Ова вклучува учење како да се смируваат, да бидат трпеливи и да управуваат со своите емоции.
- Подобрување на вниманието. Кога нема постојана стимулација, децата имаат можност да развијат подолготрајна концентрација и внимание. Ова може да биде корисно за училишни активности и учењето.
- Развој на интереси. Досадата може да ги поттикне децата да истражуваат нови активности и интереси кои можат да станат страсти или хобија.
- Развој на социјални вештини. Кога децата се досадуваат тие често бараат друштво на други деца или возрасни. Ова може да ги поттикне да развијат важни социјални вештини, како што се комуникација, сроаботка и емпатија.
Внимавајте на содржината што вашето дете ја следи на екраните.
Изберете содржини соодветни на возраста и едукативни и избегнувајте насилен или претерано стимулирачки материјал. Водете отворени разговори со вашето дете за влијанието на екранот и важноста да се балансира со другите активности.
Децата го имитираат однесувањето на своите родители, па затоа е важно да им бидеме добар пример намалувајќи го нашето време поминато пред екранот. Тешко е да се постават граници, тешко е да се постават правила и да се држиме до нив, тешко е да се каже „не“ и да се претрпат негодувањата кои произлегуваат – особено во јавноста. Но ние родителите сме тие кои поставуваме правила и граници и наша е одговорноста да бидеме доследни на истите.
Задача на децата е да ги тестираат границите на своите родители, понекогаш тоа ќе биде преку плач и негодување, бурни реакции поради кои често родителите ги прекршуваат договорените правила…. Запомнете дека родителот е тој што ја има моќта и одговорноста да го организира времето на своето дете со цел да му обезбеди здрав раст и развој.
Побарај совет или насока од Александра Милевска
Управувањето со времето на екранот на децата може да биде предизвик за родителите. Со сочувство и експертиза, можам да ви помогнам да воспоставите здрави граници и да создадете рутини кои го промовираат развојот и благосостојбата на вашето дете. Заедно, можеме да одговориме на основните грижи и да создадеме средина за поддршка за вашето семејство. Ако имате какви било прашања во врска со оваа проблематика, само пополнете го формуларот подолу и јас ќе дадам бесплатна писмена насока прилагодена на вашата ситуација.