Да, социопатите постојат! Познати во клиничката пракса како поединци со антисоцијално нарушување на личност (Anti-Social Personality Disorder – ASPD) кое е класифицирано во Дијагностичкиот и статистички прирачник за ментални нарушувања (The Diagnostic and Statistical Manual of Mental Disorders – DSM-5) како нарушување кое се карактеризира со трајни модели на однесување и внатрешно искуство кои значително отстапуваат од општествените норми. Додека зборот „социопат“ може да значи различни работи за различни луѓе, најчесто се однесува на типот на нарушување кој што го спомнавме претходно (ASPD).
Ова растројство на личноста обично се карактеризира со недостаток на каење, но емпатија и вина можат да бидат присутни во одредени случаеви. Исто така овие лица имаат потешкотии да формираат значајни длабоки и емоционални врски со другите. Најчесто се поврзуваат само со едно или помал број лица.
Социопатите често се впуштаат во манипулативно, измамничко, криминално или насилно однесување и постојано го кршат законот и општествените норми. Причината за појава на ова нарушување најчесто е склоп на околности и повеќе фактори. Тоа може да биде предизвикано од биолошки фактори, како што се генетиката, или влијанија од околината, вклучително и траума. Исто така, може да има преклопување на симптомите на ASPD со други дијагнози поврзани со менталното здравје, како што се психопатија или биполарно растројство. Ако познавате некој кој покажува знаци на ASPD или искусил симптоми на ASPD, препорачливо е да побарате стручна помош и мислење кои можат да ви бидат од корист и да им помогнете на другите и на себе.
Што го дефинира социопатот?
Популарната култура преку разни книги, филмови и телевизиски емисии кои ја обработуваат оваа тема, има создадено и распространето специфична перцепција за тоа што претставува „социопат или социопатска личност“. Во овој наратив, социопат често се прикажува како смирена, без емоции и пресметлива личност, искористувајќи ги другите без каење. Социопатите може да бидат прикажани како многу интелигентни, харизматични и шармантни, способни лесно да манипулираат со другите за да го добијат она што го сакаат.
Сепак, психолошкиот концепт што лежи во основата на терминот „социопат“ значително се разликува од овој тип кој распространето се прикажува.
Иако е точно дека индивидуите со анти-социјално растројство на личноста (ASPD) може да покажат намален капацитет за емпатија, што значи да ги игнорираат чувствата на другите, во реалноста ASPD се разликува од медиумското прикажување на неколку начини:
- Емоциите кои се јавуваат кај лицата со ASPD може да варираат. Додека некои индивидуи може да покажуваат плитки или ограничени емоции, други може да доживеат интензивни и флуктуирачки емоции, особено кога се работи за напади на бес.
- Однесувањето на овие лица не секогаш е однапред смислено и испланирано – Спротивно на поимањето на поимот социопати како вешти манипулативни индивидуи, многумина се борат и имаат проблеми при контролата на импулсите, што резултира со импулсивно и несоодветно однесување. Следствено, планирањето за иднината и остварувањето долгорочни цели може да биде предизвик за личности со ASPD.
- Интелигенцијата не е нужно во корелација со анти-социјалното растројство на личноста. И покрај прикажувањето на лукавите криминалци во медиумите како такви, студиите укажуваат дека постои мала негативна врска/корелација помеѓу интелигенцијата и ASPD.
- Не е вистина дека социопатите се поуспешни во животот. Иако е вообичаено да слушаме за успешни лидери и политичари кои се етикетирани како социопати, истражувањата покажуваат дека особините поврзани со ASPD може да го попречат напредокот. Поединците со ASPD често имаат истории на повеќекратно лежење во затвор, потешкотии во задржувањето на работно место и ограничени долгорочни меѓучовечки односи. Односно вклопувањето и нормалното функционирање во секојдневното општество може да биде предизвик за овие поединци.
Дали социопат се раѓа или се создава?
Идејата дека социопатите може да имаат вродени разлики уште од раѓање може да звучи вознемирувачка.. Можеби се прашувате дали анти-социјалното растројство на личноста е вкоренето во основната психолошка рамка на човекот како битие.
Многу од карактеристичните особини на ASPD имаат тенденција да бидат присутни во детството и адолесценцијата. Лицата со оваа состојба често покажуваат знаци на нарушувања во однесувањето. Вообичаените дијагностички критериуми за анти-социјалното растројство на личноста вклучуваат шема на антагонистичко однесување кое се јавува во периодот на пубертет, односно околу 15-годишна возраст или порано.
Вистина е дека овој тип на однесување рано во животот може да биде под влијание на генетскиот состав на личноста. Студиите за однесувањето на близнаците сугерираат дека генетските разлики можат да објаснат околу половина од варијациите на ASPD.
Сепак, се уште постои поделено мислење помеѓу истражувачите околу тоа КОИ генетски фактори се релевантни. Одредени студии го наверуваат како фактор влијанието на некои гени кои се вклучени во регулацијата на невротрансмитерите, како што се серотонин и допамин. Овие хормони се важни и влијаат на делот од нервниот систем кој е одговорен за функции како регулирање на расположението, социјално размислување и контрола на однесувањето. Прекините во работата и абнормалната функција на овој дел од нервниот систем може да објаснат одредени особини на ASPD, како што се:
- Агресија
- Намален одговор на страв
- Намалено влијание на негативните последици (казни) врз идното однесување
- Намалена контрола на импулсите
Причини за ASPD во детството
Иако генетските фактори играат значајна улога како предиспозициски фактор за појава на анти-социјалното растројство на личноста, не го даваат целото објаснување за неговата појава. Одредени гени можат да претставуваат предиспозициски фактор, но не треба да се запостави и фактот дека развоjот на ASPD често зависи и од изложеноста на негативни влијанија во текот на самото детството.
Детската траума, особено физичката злоупотреба од страна на возрасните, па и од страна на врсниците, во студиите често се појавува како значаен фактор кој допринесува за развој на ASPD. Сексуалната и емоционалната злоупотреба исто така се значаен ризикот-фактор за развој на ова нарушување.
Негативните искуства како злоупотреба и запоставување може да ја нарушат способноста на детето да формира здрави односи и да развие емпатија. Бездушното, егоцентрично однесување забележано кај лицата со ова нарушување може делумно да се појави како одбранбен механизам против отсуството на родителска сигурност и поддршка.
Недостатокот на позитивни модели кои покажуваат емпатија и просоцијално однесување може дополнително да ги предиспонира децата за развој на ASPD. Дури и посвоените деца, кои не се генетски поврзани со нивните старатели, може да покажат анти-социјално однесување доколку се изложени на овие негативни влијанија од околината во нивната рана возраст.
Дополнителен фактор кој може го зголеми ризикот за развој на ASPD може да биде растењето во сиромаштија. Растењето во сиромашни средини може да доведе до зголемена изложеност на криминал и насилство. Сепак, научните истражувања сугерираат дека топлата родителската грижа, надзор и поддршка може да ги ублажат овие ефекти, потенцијално менувајќи го влијанието и намалувајќи го ризикот за појава на ASPD при растење во сиромаштија.
Дали е можна промена за социопат?
Анти-социјалното растројство на личноста (ASPD) е состојба со која личноста живее цел живот. Казните и лошите последици од однесувањето многу ретко имаат некое влијание кое би довело до промена во однесувањето кај луѓето со ASPD. Способноста за разбирање на несоодветноста на нивните постапки е намалена и овие личности не чувствуваат потреба да се променат. Токму поради оваа причина многу мала е веројатноста дека овие лица ќе побараат помош, а доколку го направат тоа, многу е веројатно дека ќе се откажат од лекувањето уште пред да започне.
Но, тоа не значи дека социопатите воопшто не можат да се променат. Истражувањата покажале дека како што стареат, лицата со ова нарушување манифестираат помалку агресија и криминално однесување.
Исто така, терапијата може да им помогне иако за нив ова претставува доста тежок и макотрпен процес. Овие личности често имаат проблем да им веруваат на другите и да формираат значајни врски, а кои се важни аспекти за процесот на психотерапијата. Дополнително, тие не ја гледаат потребата за промена во нивното однесување, бидејќи негативните последици не допираат до нив.
Но, терапијата може да им помогне да ги контролираат нивните импулси, да избегнуваат да прават штетни работи и да имаат подобри односи со другите. Она што може да претставува огромен предизвик е да се убедат овие поединци да одат на терапија.
За да се долови идејата што всушност претставува социопат, прочитајте ја оваа исповед од личност со социопатски тенденции:
„Бев средно дете во семејство со насилен татко и рамнодушната, понекогаш хистерична мајка. Го мразев татко ми. Беше исклучително небрежен и неодговорен, и често доаѓавме дома наоѓајќи ја исклучена струја затоа што сметката со месеци беше неплатена. Трошеше илјадници долари на своите скапи хобија, додека ние носевме јаболка од нашиот двор за ручек на училиште. Првиот повторлив сон на кој можам да се сетам беше како го убив татко ми со голи раце. Имаше нешто возбудливо и задоволувачко во тоа насилство кон него.
Не ми пречеше да се расправам со него. Никогаш не отстапував во нашите конфронтации. Еднаш, во моите рани тинејџерски години, се расправавме околу содржината на филм што го гледавме. Му реков: „Верувај што сакаш“, си заминав и се заклучив во бањата. Знаев дека ја мрази таа фраза (мајка ми ја користеше постојано). Исто така знаев дека моето однесување ќе го потсети на генерација жени со кои растел. Жени кои одбивале да го почитуваат и ценат, а наместо тоа – го презираат. Знаев и дека мрази заклучени врати. Знаев дека овие работи ќе го испровоцираат, затоа и ги правев.
„Отвори ја вратата!”. Толку беше лут, што удирајќи ја вратата направи дупка и видов дека раката му беше крвава и отечена. Не ме загрижуваше неговата рака и не ми беше грижа што беше повреден. Напрротив, ми предизвикуваше задоволство да го гледам во таква состојба.
Моите родители ги игнорираа моите очигледни и неприлагодени обиди да манипулирам, да ги мамам и да ги обвинувам другите. Го занемаруваа фактот дека се дружев со познаници во детството без навистина да се поврзам со нив. Цело време лажев. Исто така и крадев, но најчесто правев измами за да дојдам до некоја корист. Гледам на луѓето во мојот живот како роботи кои се исклучуваат кога не сум директно во интеракција со нив. Влегував во домовите на луѓето и ги преуредував нивните работи. Кршев работи, палев работи и удирав луѓе.
Правев сè што беше потребно за да им се допаднам на луѓето само за да можам да го добијам она што ми требаше… Храна кога немавме; превоз ако не беа моите родители наоколу; покани за забави; а особено задоволство ми претставуваше да ги заплашувам другите. Знаејќи дека имам контрола.
Агресијата, преземањето ризик и недостатокот на грижа за сопственото здравје или здравјето на другите, се карактеристични знаци на социопатијата. – Кога имав 8 години, за малку ќе се удавев во океанот. Кога спасителот ме извади од водата, почнав да се смеам. Научив дека смртта може да дојде во секој момент, но никогаш не развив страв од неа.
Пред да наполнам 16 години, се чувствував навистина лошо. Нормално, ги чував моите проблеми за себе затоа што не сакав другите да се мешаат во моите работи. Сепак, овој пат и кажав на мајка ми за острата болка која ја чувствував во стомакот. Откако ја изрази својата вообичаена огорченост од животот и зошто постојам, ми даде лекови на природна база, чај и некои други билки. Горчливо ми рече да се одморам. Иако сè уште бев болен, секој ден одев на училиште.
Болката не поминуваше туку стануваше се пострашна и полоша. Престанав да се преправам дека сум фин и почнав да бидам злобен кон луѓето. Не ми беше грижа како моите зборови влијаат врз другите. Кога татко ми конечно забележа дека нешто не е во ред, ме однесе на лекар.
Кога стигнавме, докторот беше лут. Мајка ми беше тивка, како и секогаш кога татко ми се лутеше. Докторот праша сме зошто чекале толку долго за да побараме помош. Се онесвестив и кога се разбудив, слушнав викање. Татко ми го убедуваше докторот да не ме праќа во болница. Можев да сватам дека моите родители не му веруваат на докторот.
Родителите ме оставиле да страдам повеќе од една недела бидејќи, како што подоцна открив, здравственото осигурување на нашето семејство било истечено. Кога се разбудив по операцијата, го видов татко ми како стои над мене целиот гневен и уморен: „Можеше да умреш, лекарите се многу лути“, рече тој, како да требаше јас да им се извинам на сите. Мислам дека мојата социопатија беше предизвикана главно затоа што никогаш не научив како да им верувам на другите луѓе.“
Во оваа приказната постојат аспекти кои се специфични за менталитет во кој израснал клиентот и постојат значајни културолошки разлики.
Треба да се земе во предвид дека оваа статија дава информации за личности кои имаат патолошко пореметување. Постои разлика помеѓу поединци кои имаат антисоцијално пореметување на личноста и личности кои поседуваат изразена антисоцијална црта на личноста.
Побарај совет или насока од Катерина Крстевска Ристески
Како психолог, јас сум тука да ве поддржам низ било какви проблеми поврзани со ASPD. Ако имате прашања или чувствувате дека ви фали насока, пополнете го формуларот подолу.