fbpx

Мојот партнер ме изневерува. Како да се справам со тоа?

Што кога партнерот ве изневерува? Неверството вообичаено се доживува како најголемата трагедија што може да се случи во врската.

Неверството долго време се смета за еден од најпогубните чинови во однос на довербата во врската. Во парадигмата на романтизмот, сексот и љубовта се сложено испреплетени. Овој романтичен поглед ја зацементира идејата дека сексот е врвен израз на љубовта, правејќи го неверството не само предавство на довербата, туку и разбивање на самата суштина на една љубов.

Но, што ако неверството не е секогаш најстрашниот настан? Иако во најголем дел од случаите несомнено укажува на непочитување на партнерот, во многу други, може да произлегува од минлива желба за возбуда, додека во исто време се одржува искрена посветеност кон партнерот. Предизвикот лежи во помирувањето на оваа реалност.

Закрепнувањето од неверството бара преиспитување на романтичната приказна и навлегување во сопствените искуства и перцепции. И, покрај тоа што ни е наметнато мислењето од окружувањето, сепак искуството покажува дека е можно длабоко да се грижиме за некого додека се забавуваме мислејќи на некој друг/а. Ова произлегува од комплексноста  на човечките желби и емоции и секоја индивидуа се води според свои вредности. Прашањето е дали таа личност ви одговара на долг рок?

Зошто луѓето изневеруваат?

Разбирањето на мотивацијата зад неверството е сложен и повеќеслоен потфат. Бидејќи не сме способни да му ги прочитаме мислите на партнерот, вистинскиот одговор нема да го дознаеме освен ако партнерот не одлучи да го сподели. Сподед психолошките истражувања, меѓу најчестите идентификувани мотиви се:

  • Згаснати емоции. Поединците наведуваат дека недостаток на емоционална поврзаност кон нивниот стабилен партнер и/или страсната љубов кон надворешниот партнер може да биде прилично силна причина поради која изневерувале.
  • Разновидност. Во некои случаи, изневерување не е одговор на проблем со постоечка врска – туку е реакција на досада. За многу луѓе желбата за нешто различно е причината за нивното изневерување. Ова е повеќе истакнато кај машкиот пол.
  • Запоставеност. Слично на чувството на недостаток на љубов, некои луѓе се впуштаат во неверство како одговор на недостатокот на внимание од партнерот.
  • За да се зголеми самодовербата. Изгледа контрадикторно, имајќи предвид дека неверството има тенденција да заврши со значајни лични последици, но за некои луѓе, чинот на афера може да влијае позитивно на егото и самодовербата.
  • Лутина. Ова не e најчесто наведената причина, но гневот игра улога во аферите на многу начини. Во овие случаи, изневерувањето се смета за начин да се казни партнерот или да се одмазди за нешто.
  • Поради сексуалната желба. Можеби во постоечката врска, постои недостаток на физичка интимност, секс, страст или специфични сексуални однесувања што се бараат. Ова може да биде уште една причина за изневерување.

Преиспитување на неверството

Првиот чекор во справувањето со изневерување е да се преиспита што значи тоа во контекст на вашата врска. Општеството често го прикажува неверството како ултимативно предавство. Но, од суштинско значење е да се препознае дека односите се често комплицирани и повеќеслојни. Неверството, не секогаш означува недостаток на љубов или посветеност – некогаш  може да биде симптом на подлабоки прашања или индивидуални борби. 

Истражување на личните искуства

Најдете време да размислите за сопствените искуства и верувања околу неверството. Дали некогаш сте се нашле во ситуација да почувствувате привлечност од некоја личност надвор од вашата врска? Дали некогаш сте размислувале за можноста да бидете интимни со некој друг/а додека сè уште го сакате вашиот партнер? Преку соочување со овие непријатни вистини, можете да стекнете увид во сложеноста на човечката желба и емоции.

Дали треба да му простам на парнер кој изневерува?

Простувањето е процес кој бара време и интроспекција. Иако болката од предавството може да се чини непремостлива, важно е да се запамети дека повеќе од нас прават грешки, но сепак сите ние сме способни за раст. Со разбирање на основните мотиви кои стојат зад неверството и признавање на несовршеноста на двете инволвирани страни, можете да почнете да заздравувате и да продолжите напред.

Прашањето дали да му се прости на оној што изневерил е длабоко лично и сложено и не постои универзален одговор. Mожеби е добро да се запрашате што ви кажува вашата интуиција. Дали ќе сте способни пак да ја обновите довербата? Дали постојат и други проблеми во врската кои довеле до изневерување? Каков е вашиот партнер? Дали постои емоционално малтретирање? Ова се прашања кои често избегнуваме да ги одговориме, но се клучни за донесување одлука во однос на  тоа дали да се прости и премине преку неверството или да се стави крај на врската.

Додека некои можеби сметаат дека е можно да простат и да ја обноват довербата, други сметаат дека прекршувањето на довербата е непростлив чин. Простувањето е секогаш личен избор, врз основа на нашите сопствени вредности, граници и емоционална благосостојба. Доколку не постои утеха и не можете да простите, можеби ставањето крај е единствениот излез.

Колку е веројатно партнерот кој изневерил повторно да го направи истото?

Постои изреката – Еднаш измамник, секогаш измамник или волкот кожата ја менува, но карактерот никогаш. Генерално, сите направени истражувања водат кон заклучок дека оние кои биле неверни во една врска имаат три пати поголеми шанси да бидат неверни во следната. Иако, ова укажува на склоност кон постојано неверство кај некои поединци, важно е да се признае дека однесувањето од минатото неизбежно ги одредува идните постапки.

Факторите како посветеноста, комуникацијата и личните вредности играат значајна улога во обликувањето на динамиката на односите и влијаат на веројатноста за неверство. Иако, деживеаното изневерување може да биде длабоко болно и предизвикувачко, тоа не значи дека една личност доживотно ќе остане неверна. Наместо тоа, ја нагласува важноста од разбирање и решавање на основните прашања со себе и  врската.

Понатаму, важно е да се признае дека изневерувањето повеќе се однесува на оној кој изневерува отколку на личноста која е изневерена. Разбирањето на ова може да помогне да се ублажат чувствата на несоодветност или самообвинување од страна на изневерениот партнер. Невеството е избор направен од поединецот кој изневерува, под влијание на неговите лични мотивации, несигурности и околности. Тоа не е одраз на вредноста на изневерениот партнер. 

Во пракса, често пати се случува изневерените партнери да се преиспитуваат, самообвинуваат и ја бараат причината во себе. Забораваат дека самиот чин му припаѓа на оној кој го извршил.

За одржување на врската корисно е да се преипитаат заедничките одговорности, но “вината“ за изневерувањето останува исклучиво на оној кој што изневерил.

Одржувањето на самодовербата и во способноста да се негуваат здрави врски е клучно после неверството. 

Најдете време да размислите за тоа што ви треба и што заслужувате во врската и не плашете се да побарате стручна помош доколку е потребно.

Побарај совет или насока од Драгица Стаменковиќ

изневерува Драгица Стаменковиќ

Како психолог, обезбедувам простор за разговор за вашите чувства и грижи и заедно можеме да работиме на подобро разбирање на вашиот став кон љубовта. Преку нашите сесии, ќе се фокусираме на подобрување на комуникацијата, поставување здрави граници и изнаоѓање начини за градење посреќни односи. Ако имате какви било прашања или ви треба совет, слободно контактирајте со пополнување на формуларот подолу.