fbpx

Справување со срам

Срамот е емоција која вклучува негативна самоевалуација – верување дека нешто фундаментално не е во ред со нас. Ваквото чувство предизвикува интензивна непријатност, а понекогаш и желба за криење. Луѓето кои се срамат често опишуваат дека  се чувствуваат безвредно, глупаво, неадекватно или „помалку од____“. 

Срамот понекогаш може и да парализира. Повремениот срам го доживува секој и тоа не е лошо затоа што може да не натера  да се однесуваме на начини што ни дозволуваат да коегзистираме со другите, да се придржуваме до културните норми и закони и да ги почитуваме туѓите граници. 

Но некои луѓе, за жал, се управувани од срамот, и затоа треба да работат на негово намалување.

Што доведува до чувство на срам?

И покрај тоа што секој од нас го доживеал ова чувство, не сакаме да зборуваме за нашите срамни искуства. Срамот на некој начин е табу тема. Иронично, ние се срамиме од нашиот срам. Се чини дека е многу полесно да се каже „лут сум/тажен/нервозен“ отколку да се каже „се срамам“. 

Постои претпоставка дека зборувањето за срам е понижувачко или е знак на слабост и сметам дека токму поради тоа до неодамна, имаше недостаток на истражувања и пишани материјали на оваа тема. Постојат многу различни искуства кои можат да доведат до срам. Овде ќе ги наведам најчестите.

Непријатни искуства во детството

Внимавајте како разговарате со вашите деца затоа што вашите зборови ќе станат нивен внатрешен глас кога ќе созреат. Рано во животот, децата развиваат слика за себе како адекватни или неадекватни во светот. Децата кои се постојано критикувани, строго казнувани, запоставени, напуштени или на друг начин злоупотребувани или малтретирани, добиваат порака дека не се вклопуваат во светот. Се јавува чувство дека се несоодветни, инфериорни или недостојни и сето тоа доведува до ниска самодоверба и срам.

Напуштање или отфрлање

Луѓето може да се почувствуваат напуштено или отфрлено поради безброј причини. Семејствата може да бидат „растргнати“ поради развод, смрт, војна, имиграција …. Во ваквите семејства децата често чувствуваат вина поради разделбата ( Пр. – „Да се однесував подобро, тато ќе останеше со мама“.) Ваков товар е премногу тежок за едно дете и доколку не му се објасни дека не е виновно, кога ќе стане возрасен човек ќе се навикне да ја прифаќа одговорноста за настаните врз кои нема контрола а тоа ќе предизвикува чувство на вина и срам поради неможноста да се справи со истите. Срамот при вакви ситуации може да не натера да се повлечеме од врските, верувајќи дека сме лоши за другите луѓе и недостојни за нивната љубов.

Токсична средина

Секое работно место, организација, група или тим имаат посебна култура која се развива со текот на времето. Ова се карактеризира со начинот на кој луѓето комуницираат, енергијата што се прикажува кога се заедно, почитувањето или непочитувањето што се покажува еден кон друг, другарството или непријателството и многу други фактори.

Нездравата работна средина може да предизвика срам затоа што вработените почнуваат да се прашуваат што направиле за да заслужат таков третман. Шефовите понекогаш користат засрамување, манипулација и пасивно-агресивна комуникација, што може да ги мотивира вработените на краток рок, но на крајот ги остава зачудени и засрамени.

Работното место е само еден пример. Училиштето може да биде инспиративно место за учење но и место во кое може во голема мера да се развие срамот. Влијанието на луѓето со кои поминуваме време е големо. Кога чувствуваме дека сме важни во нашата група, развиваме силно чувство за идентитет. 

Но, кога се чувствуваме неважни или товар за другите, природно преземаме одговорност и го интернализираме срамот.

Трауматски искуства

Траума е секое искуство што ја надминува способноста на мозокот да се справи. Малите деца бараат постојано внимание и грижа, делумно поради тоа што се физички беспомошни и психички ранливи. 

Кога нешто ќе ја надмине способноста на детето да се справи, му треба безбеден возрасен да дојде до него и да му помогне повторно да се чувствува безбедно. Без таков негувател, детето кое се соочува со трауматично искуство може да се чувствува немоќно и засрамено.

За жал, злоупотребата во детството често ги остава жртвите да се чувствуваат непоправливо оштетени со длабоко интернализирано чувство на срам од самите себе. Кога станува збор за траума, долготрајниот срам може да биде погубен.

Но, како и со другите извори на срам, можеме да бидеме ослободени од срамот предизвикан од траума со учење да ги замениме лажните перцепции што ги имаме за себе со вистинска слика и со разбирање на болните искуства од нашето минато.

Лични неуспеси

Голем број од клиентите со кои работам веруваат дека си го заслужуваат срамот поради нивните непромислености или морални пропусти. Овие луѓе се затвараат во сопствениот затвор, а срамот е управникот. Секојдневно го „оживуваат„ срамот, за да се осигураат дека нема да ја направат истата грешка двапати.

Кај ваквите клиенти од клучно значење е да се работи на себеприфаќање а истовремено и на прифаќање на одговорноста за она што го направиле.

Според постарите психоаналитички пристапи, срамот се јавува кога има дискрепанца помеѓу егото ( јас) и супер егото (над јас, идеална слика кон која се стремиме).

Побарај дополнителен совет или насока од Верица Бакулеска

Верица Бакулевска срам

Се трудам да ги поттикнам моите клиенти да развијат ефективни стратегии за справување што ќе им овозможат полесно да се движат во тешки ситуации. Мојата цел е да создадам терапевтска средина во која клиентите ќе се чувствуваат безбедно, разбрано и поддржано. 

Ако имате какви било прашања или сте заинтересирани да дознаете повеќе за тоа како терапијата може да ви помогне, не двоумете се да ме контактирате со пополнување на формуларот подолу. Вашата ментална благосостојба е важна, а јас сум тука да понудам водство и поддршка на секој чекор од патот.

Манифестирање на срамот и негови последици

Срамот може да се манифестира на различни начини, влијаејќи врз нашите мисли, чувства и односи. Овде ќе набројам неколку вообичаени манифестации на срам:

Негативен само-говор

Срамот често се манифестира преку внатрешен дијалог кој се карактеризира со самокритичност, самообвинување и чувство на несоодветност. Луѓето кои доживуваат срам често грубо се самоосудуваат, постојано прекорувајќи се себеси за воочените недостатоци или неуспеси.

Избегнување и изолираност

Срамот може да ги наведе луѓето да се повлечат од социјални интеракции и да избегнуваат ситуации во кои се плашат дека ќе бидат осудени, отфрлени или недостојни. Ова доведува и до чувство на осаменост.

Пример: Eдна жена која се здебелила имала потешкотии да ја напушти куќата. Таа сакала да го избегне срамот што го предизвикува излегувањето во јавност бидејќи очекувала дека другите строго ќе и судат.

Перфекционизам

Во обид да го избегнат чувството на срам, некои личности усвојуваат перфекционистички тенденции. Се стреммат само кон беспрекорност и перфекционзиам во нивната работа, изглед или врски.

Меѓутоа, оваа потрага по совршенство често е водена од страв да не бидат изложени нивните несовршености.

Одбранбено однесување

Кога ќе се соочат со ситуации кои предизвикуваат чувство на срам, некои луѓе може да реагираат дефанзивно. Ова значи дека ја префрлаат вината на другите или стануваат непријателски настроени како средство за заштита на нивното кревко чувство на самопочит.

Напаѓањето на другите, на засрамениот често му служи како начин за да се оддалечи од она што го чувствува. Често се случува да го лоцира сопствениот срам кај другиот.            

На пример: Mаж кој се плаши дека од другите ќе биде перцепиран како неадекватен, а со тоа и дека ќе се зголеми неговото чувство на срам, манипулира со самодовербата на својата партнерка, омаловажувајќи ја. Кога таа станува несигурна и и треба неговото одобрување, тој тогаш станува посамоуверен, како и способен да ја обвини за каков било неуспех од негова страна. 

Преместувањето на сопствениот срам кај друга личност е типичен самозаштитен маневар меѓу нарцисоидните, бидејќи во сржта на нарцисоидноста е неподносливиот интернализиран срам.                                                                                              

Друго одбранбено однесување е трудење по секоја цена да се прикрие срамот. На пример: Адолесцентите може да се смеат на лошиот резултат на тестот заедно со врсниците, додека приватно доживуваат огромен срам поради неуспехот.

Зависност

Срамот може да ги втурне луѓето во зависности како злоупотреба на супстанции, компулсивно коцкање или прејадување како средство за  бегство од оваа болна емоција. Овие однесувања обезбедуваат привремено олеснување, но долгорочно само го задлабочуваат срамот и самоуништувачките обрасци.

Ниска самодоверба

Хроничниот срам може да ја наруши самодовербата доведувајќи ги оние кои се соочуваат со него до сомнеж во нивната вредност и способности. Ова намалено чувство за себе може да има далекусежни последици, влијаејќи на различни домени од животот. Тука се вклучени работата, врските и менталното здравје.

Проблеми во врските

Срамот може длабоко да влијае на меѓучовечките односи, што го отежнува воспоставувањето и одржувањето значајни врски. На оние кои се склони на срам може да им е тешко да им веруваат на другите, да покажат ранливост или да побараат поддршка поради страв од отфрлање или осуда.

Проблеми со менталното здравје

Срамот понекогаш е поврзан со различни проблеми со менталното здравје, вклучувајќи депресија, анксиозност и посттрауматско стресно растројство (ПТСН). Нетретираниот срам може да ги влоши овие состојби.

Физички симптоми

Срамот може да се манифестира и со физички симптоми како што се: црвенило, напнатост, замор, гастроинтестинални проблеми, па дури и психосоматски заболувања. Физиолошкиот одговор на стресот предизвикан од срамот може да има големо влијание врз целокупното здравје и благосостојба.

Разбирањето како срамот се манифестира во нашите мисли, чувства и однесувања е суштински чекор во надминувањето на неговата контрола врз нашите животи. Препознавајќи ги овие обрасци, можеме да почнеме да ги преиспитуваме верувањата засновани на срам и да создаваме подлабоки врски со себе и со другите.

Како да се справите со чувството на срам?

Истражете го вашиот срам

Првиот чекор за да го намалите вашиот срам е да разберете од каде потекнува и како влијае на вашите моментални одлуки. Еден начин да го препознаете вашиот срам е да почнете да обрнувате внимание на вашите емоции во различни ситуации – Кога се активира вашето чувство на срам? и Како реагирате кога чувствувате срам?

Следно, поминете некое време испитувајќи како срамот од минатото сè уште влијае на вас денес во однос на сегашниот срам.

Преку самосочувство и емпатија од другите, срамот може почне да еволуира во самопочит. Но, да имаме силна верба во нашата сопствена достојност не се случува преку ноќ.

Прифатете го срамот

Кога сме преплавени со чувство на срам, инстинктивно ни доаѓа да се обидеме да го избегнеме и потиснеме. Прифаќањето, од друга страна, е признавање на делот од себе што се чувствува недоволно добро, несакано или отфрлено.

Доколку се насочите да работите на прифаќање на овој дел од себе, наскоро ќе забележите дека чувството на срам многу помалку ве вознемирува кога не се трудите да „избегате“ од истото. Односно, парадоксално – колку повеќе го прифатите  вашиот срам, тоа помалку ќе го чувствувате.

Бидете присутни во моментот

Во ова брзо време, кога сме обземени од социјалните мрежи, реткост е да се сретне човек кој знае да живее во сега и овде. Функционирањето во сега и овде вклучува фокусирање на она што ви се случува или се случува во вашата околина во сегашниот момент, наместо на она што се случило во минатото или што може да се случи во иднина.

Признајте дека настаните од минатото се неповратни. Иако можеби сте  можеле подобро да одговорите, сфатете дека не можете да го промените минатото. Правењето грешки е она што не прави луѓе! Кога ќе почнете да се фокусирате повеќе на сегашноста, трошите помалку време на оценување и критикување на себе и на другите.

Побарајте професионална помош

Квалификуван професионалец од областа на ментално здравје може да ви помогне полесно да го идентификувате вашиот срам и постепено да се изложувате на предизвикувачки ситуации.

Надминувањето на срамот е храбро и трансформативно патување. Преку признавање и соочување со нашиот срам и со поддршка од блиските, можеме да негуваме подлабока врска со себе и со оние околу нас.

Побарај дополнителен совет или насока од Верица Бакулеска

Верица Бакулевска срам

Се трудам да ги поттикнам моите клиенти да развијат ефективни стратегии за справување што ќе им овозможат полесно да се движат во тешки ситуации. Мојата цел е да создадам терапевтска средина во која клиентите ќе се чувствуваат безбедно, разбрано и поддржано. 

Ако имате какви било прашања или сте заинтересирани да дознаете повеќе за тоа како терапијата може да ви помогне, не двоумете се да ме контактирате со пополнување на формуларот подолу. Вашата ментална благосостојба е важна, а јас сум тука да понудам водство и поддршка на секој чекор од патот.