fbpx

Од дете до возрасен: Емотивниот ролеркостер на адолесценција

Адолесценција и пубертет често се прикажуваат како бурен период од животот, кој се карактеризира со ролеркостер од емоции и потрага по идентитет. Меѓутоа, надвор од клишеата, адолесценцијата е всушност значајно патување на самооткривање и раст. Во оваа статија, ќе навлеземе во сложеноста на адолесценцијата. Ќе го истражиме нејзиниот емотивен пејзаж и клучната улога што родителите ја играат во обликувањето на искуствата на нивните деца.

Адолесценција и родителите

Периодот на адолесценција е брз, бурен и специфичен период кој често ги збунува младите но и нивните родители. 

Адолесцентниот период во значителна мера се разликува од детството од една и од возрасниот период од друга страна. Затоа за адолесцентите велиме дека не се ниту деца, ниту возрасни. Ова доведува до промена на релација дете-возрасен што често ги збунува родителите. 

Адолесценцијата е многу бурен и побарувачки период. Соочен со сите тие барања адолесцентот осцилира помеѓу желбата да биде заштитен од прегратката на родителите и тежнеење кон комплексни облици на однесување кои средината ги поставува пред него. 

Адолесцентнот тежнее кон индивидуализација и сепарација од родителите, настојува да порасне, да се осамостои и одвои од родителите. За родителите е важно да го олеснат тој процес пружајќи поддршка и разбирање на неговата потреба за одвојување.. И ова е всушност учество во нивниот процес на созревање на детето. 

Адолесцентот ќе има различни погледи на светот од родителите, ќе се спротивставува и бунтува, ќе има свои ставови и мислења, свои желби и планови за иднината, своја приватност, но и тајни. 

Иако се очекува од родителите да го поттикнуваат овој процес кај своите деца, важно е да се внимава да не се предизвика претерана независност, ниту пак претерано да се врзува адолесцентот до себе и да се спречи неговото осамостојување.

Кои промени настануваат кај адолесцентите 

Во текот на адолесцентниот период настануваат голем број развојни промени. Овие промени предизвикуваат одредени емоционални одговори кај младите луѓе. 

Во адолесценцијата доаѓа до:

Бурно биолошко созревање.

Речиси преку ноќ адолесцентот го менува својот физички изглед. И поради ова често е пред огледало, час воодушевен поради својот излед а другиот момент лут и незадоволен. Ова доведува до бура од емоции: разочарување, незадоволство, тага, чувство на помала вредност што може да води кон социјална изолација или депресивно расположение.

Брзи промени во расположение.

Од ваквите промени во расположение често се збунети и родителите и адолесцентите. Доброто расположение за час се менува во плач. Вистински емоционален ролеркостер.

Нови доживувања и чувства кои го следат половото созревање.

Се јавува зголемен интерес за личностите од спротивен пол и формирање на половиот идентитет, како и градење на емоционали хетеросексуални врски. 

Променливо однесување.

Адолесцентот час се однесува како мало дете, а час како вистински возрасен кој сериозно и одговорно ги завршува зададените задачи. Час е присутен и учествува во разговорите, а следниот момент отсутен со мислите и замислен.

Индивидуализација и сепарација од родителите.

Адолесцентите критички го проверуваат авторитетот на родителите, ги прифаќаат или отфрлуваат вредностите на родителите креирајќи свој систем на вредности.

Тои настојуваат да се одвојат, да се развијат во посебна, автентична личност, слободна да донесува одлуки поврзани за својата иднина и да се поврзе со врсници кои заземаат сѐ поголема димензија во неговиот живот. 

Формирање на идентитет и емоции

Адолесценцијата, често се карактеризира со интензивни емоционални искуства.

Преминот од безгрижните денови на младоста кон сложеноста на зрелоста може да биде оптоварен со предизвици кои постојано тестираат нечија емоционална издржливост.

Идентитетот ни дава смисла во животот, а адолесценцијата е период кога тој се стекнува. Важно е младата личност да развие позитивен идентитет за да знае која е таа, да се чувствува самоприфатено и сигурно, да е задоволна од себе, да донесува одлуки самостојно и да поставува реални цели во животот. 

Понекогаш се случува адолесцентот да западне во криза или конфузија во остварување на идентитетот. Ваква криза предизвиква емоционална болка при што се јавува: напнатост, депресивно расположение, анксиозност, ниска самодоверба, социјално повлекување итн. 

Емоциите кои нормално се појавуваат кај адолесцентите се страв и жалост. 

Стравот најчесто е поврзан со страв од училиште, од агресија на возрасните, од болест, смрт, отфрлање од страна на врсници итн. Анксиозните состојби се јавуваат ако се присутни стресови и проблеми во семејството. 

Жалоста како нормален облик на емоционално реагирање се јавува при реални (смрт на блиска личност) или симболични загуби (преселби, прекини на контакти со другари, прекин на емоционална хетеросексуална вркса и сл.). 

Овие чувства се нормални. Но, доколку се со силен интензитет и го попречуваат нормалното функционирање или ја нарушуваат семејната динамика, важно е да бидат препознаени и на време да се реагира од страна на возрасните, да се пружи поддршка, уважување и пред сѐ разбирање за оваа бура од емоции. 

Она што често нормално се јавува кај младите луѓе е досадата, па така се случува ништо да не е доволно интересно, забавно… Но, и ова чувство на досада може да биде надминато со: спортување, членување во некои секции, друштва, посетување на курс кое е во вашето поле на интерес, одвојување време за хоби итн. 

Семејства со адолесцент

Семејствата со адолесцент се семејства со постојани земјотреси. И оваа животна фаза започнува со влегување на детето во пубертет сѐ до неговото започнување на самостоен живот. 

Адолесцентот го споредува семејниот систем на вредности со општествениот, често критикувајќи го.. Ги испитува семејните граници, родителскиот сојуз и моќ, договорите и правилата и со своето однесување повикува на семејна реорганизација. 

Многу родители, поради низа на семејни и лични проблеми не покажуваат подготвеност, а ни поддршка за процесот на осамостојување на детето. И ова се манифестира преку наметнување на лични ставови, недозволување на искажување на мислења, желби, аспирации, нарушување на приватноста и сл. Сево ова доведува до поголеми и потрајни последици врз развојот на личноста на адолесцентот.

Во периодот на адолесценција, она што е важно да се има во предвид е дека конфликтите и недоразбирањата помеѓу адолесцентот и родителот се чести во сите семејства. Она што е важно е начинот на кој се разрешуваат истите.

За да адолесцентот се развие во личност со позитивен идентитет, во семејствата потребно е:
  • Да има отворена и јасна комуникација;
  • Усогласеност на родителски ставови;
  • Цврст родителски сојуз;
  • Јасна хиерархиска расподелба на улогите и моќ концентрирана кај родителите; 
  • Усогласеност на родителски очекувања со желбите на адолесцентот;
  • Флексибилна контрола по пат на договор;
  • Воспоставување на јасни правила и норми;
  • Почитување и на заедништвото, но и на индивидуалноста;
  • Почитување на разликите и посебностите;
  • Почитување на потребата за одвојување, приватност, автономија и индивидуалност.

Позитивната семејна атмосфера во која адолесцентите се чувствуваат пријатно, разбрано, уважено и прифатено е предуслов за постигнување на емоционална благосостојба. 

Адолесцентите се особено чувствителни на непочитување на нивната личност и неумерени критики. Ова води до различни реакции и однесувања: од повлекување до отворен бунт. Затоа е важно да се разговара отворено за проблемите, да се почитуваат нивните интереси и потреби, да се уважи нивното мислење, да се бараат заеднички решенија и да се прават компромиси. 

И она што е важно секој адолесцент да знае е дека во односот со родителите нема „победници“ и „губитници“. Родителите не се непријатели. Тие се сојузници со кои треба да се разговара отворено за сето она што претставува проблем или предизвик.

Патот помеѓу детството и возрасниот период е патување полно со предизвици, емоционални промени, значајни животни искуства.. Но, истовремено е и возбудлив период каде што на располагање се многу можности и избори кои ќе го определат во значајна мера курсот на понатамошното животно патување.

Побарај совет или насока од Александра Милевска

адолесценција Александра Милевска

Како психолог што работи со адолесценти и семејна динамика, го разбирам емотивниот ролеркостер што го доживуваат. Можеме да истражиме што ги поттикнува овие интензивни емоции и заедно да развиеме здрави механизми за справување. Можам да ви помогнам да ги идентификувате вашите чувства, да ги разберете нивните основни причини и да ги изразите конструктивно – и за родителите и за децата – тинејџери.

Ако ви е потребна помош, насока или поддршка, не двоумете се да го пополните формуларот подолу за да поставите конкретно прашање.