Емоционалната недостапност доаѓа во многу форми. Основен симптом на емоционална недостапност е тоа што на личноста и е тешко да се усогласи, да ги обработува, регулира и да ги изразува сопствените емоции и емоциите на другите.
Некои од нас можеби доживеале период кога некој за кој сме се грижеле не можел емоционално да биде тука за нас. Или, можеби сме оттурнале некого за кој ние се грижевме затоа што ни требаше време или простор за да ги средиме нашите животи.
Лицата кои се емоционално недостапни може да изгледаат далечни, непредвидливи и збунувачки.
Не сте вие виновни, но емоционално недостапните личности често знаат да бидат преокупирани со себе, оставајќи малку простор за вас. Сеопфатна тема е неможноста да одржат ранливи и трајни емоционални врски во нивните односи – колку поблиски се чувствуваат со некого, толку е поголем ризикот од емоционално исклучување поради самозаштита.
Она што треба да знаете е дека не е ваша работа да ги поправате, но можете да се заштитите со поставување на граници и потсетување дека заслужувате некој кој навистина може да се поврзе со вас.
Зошто стануваме склони кон емоционално недостапни личности?
Збунувачки аспект на склоноста кон недостапни луѓе е тоа што поврзаноста може да се чувствува толку силна, што ќе ве натера да прифатите однесување што никогаш не би го толерирале кај пријателите.
Зошто?
Таа енергија и привлечност може да се чувствува толку неверојатнa и ретка, што го грешиме интензитетот со интимност. Правиме компромиси кои обично не би ги ни земале во предвид – само за да и дадеме шанса на врската.
Запомнете: Не секој со кој чувствувате поврзаност – е ваша “сродна душа”. Може да паднете на некој што тотално не е соодветен за вас, колку и да е нефер и збунувачка таа реалност. Одбивањето јасно да се комуницира за намерите и очекувањата во почетокот на врската е она што предизвикува “измешани” сигнали кои често се поврзуваат со емоционална недостапност.
За да функционира една врска, мора и двајцата партнери да придонесуваат поеднавкво. Дури и ако интуитивната врска што ја чувствувате е автентична, таа може да остане нереализирана. И само затоа што некој можел да ви биде сродна душа порано, тоа не значи дека тој или таа е вистинскиот за вас денес. Никогаш не го ставајте животот во мирување поради невозвратен копнеж. Чувајте ги вашите опции отворени.
Што предизвикува некој да биде емоционално недостапен?
Постојат многу причини зошто некој може да биде емоционално недостапен. Се случува човек да има страв од интимност. Стравот да станете блиски со некого може да потекнува од било што, од избегнувачки стил на приврзаност, до проблеми со доверба поради минати врски, родителска динамика и обрасци од детството, социјално опкружување…
Понекогаш емоционалната недостапност може едноставно да биде предизвикана од животни околности. Ова може да се должи на различни приоритети, каде што поединецот не е во состојба да посвети време и внимание на сопствените чувства и на својот партнер.
Дополнително, едно лице може да биде емоционално недостапно затоа што едноставно не е заинтересирано за сериозна врска или брак, туку само бара случајни состаноци без сериозно приврзување. Како такви, тие активно избираат да не се поврзуваат емотивно со другите.
Многу жени се привлечени од емоционално недостапни мажи, феномен кој често се занемарува, но е доволно распространет. Оние кои паѓаат на недостапни мажи најчесто имаат длабоки несигурности и се вреднуваат од надворешни валидации. Нивносто верување е дека ако мажот на крајот одлучи да формира сериозна врска со жената, тоа би значело дека таа е неверојатно „достојна“.
Овие жени често се повеќе вложени во врската отколку нивните партнери, забележувајќи недостаток на посветеност и контрола од нивна страна, додека чувствуваат потреба постојано да одговараат на желбите на партнерот.
Емоционално недостапните мажи поседуваат квалитети кои ги привлекуваат жените и покрај нивната недостапност.
Нивната привлечност лежи во нивниот полиран изглед и однесување. Понекогаш даваат внимание или убави гестови, но потоа се повлекуваат, правејќи жената повеќе да ги посакува.
Тука, жените се привлечени од фантазијата за совршен живот со овие мажи, често барајќи валидација преку нивната перцепирана доминација и контрола. И покрај привремената возбуда, потрагата по такви мажи на крајот доведува до фрустрација и нерамнотежа во односите, спротивно на она што е вистинска емотивна поврзаност и посветеност.
Жените кои се наоѓаат во врски со недостапни мажи не треба да менуваат сè на себе – само треба да го сменат фокусот. Поточно кажано, да не ја фокусираат својата енергија на “придобивање” на неговата наклонетост, туку на сопствените емоционални потреби.
Зошто недостапните луѓе можат да бидат толку привлечни
Тие се мистериозни
Оваа личност секогаш изгледа присебно, како да ги држи своите чувства скриени и под контрола. Ова може да ве натера да сакате повеќе да се зближите со нив и да ги сфатите. Овој „фактор на мистерија“ може да биде возбудлив, но запомнете, здравата врска не треба да изгледа како детективска игра.
Топло-ладно однесување
Може да ве посипаат со внимание една минута, а да исчезнат следната. Ова непредвидливо однесување, наречено „наизменично засилување“, може да предизвика зависност и опсесија кон личноста. Оние “високи моменти” се чувствуваат неверојатно, што ве тера да копнеете дури и кога работите стануваат ладни. Но, исто како и непредвидливото време, никогаш не знаете што да очекувате, што долгорочно ќе ве исцрпи.
Оваа личност е совршена (во вашите соништа):
Животот знае да биде неуреден, а понекогаш е примамливо да се замисли совршено бегство. Недостапните личности можат да станат празно платно за вашите фантазии. Можеби сонувате да изградите совршен заеднички живот, иако тој/таа можеби нема ни да ги сподели тие соништа. Сепак, вистинските односи се градат на споделени искуства и вистинска поврзаност, а не само на желби.
Можеби се борите со самодовербата, а оваа „алфа“ личност изгледа импресивно. Неговата самодоверба, дури и ако е само на површина, може да направи да се чувствувате подобро за себе во споредба со другите. Но запомнете, неговата настраност не е знак за вашата вредност – тоа е само маска за неговите сопствени проблеми. Вистинската самодоверба доаѓа одвнатре, а не од валидација од другите.
И вие сте емоционално недостапна личност
Дали отворањето емотивно ве прави нервозни? Недостапните партнери можеби изгледаат како совршен изговор за да избегнете приближување. Можеби не прашуваат за вашите подлабоки чувства или не сакаат да ги споделат своите, држејќи ги работите површни. Но, здравите врски бараат ранливост и отворена комуникација – работи што не можете да ги избегнувате засекогаш.
Лицата со избегнувачки стил на поврзаност се повеќе склони кон емоционална недостапност.
Знаци дека можеби сте емоционално недостапни
- Врските ги гледате како обврска, а не како извор на среќа и радост. Може да се чувствувате преоптоварени и да избегнувате подлабоки врски.
- Чувствата и мислите секогаш ги чувате за себе. Тешко ви е да споделите лични информации, дури и со најблиските.
- Избегнувате ексклузивност и посветеност. Преферирате лежерни муабети наместо да се зближите со една личност.
- Ве привлекуваат емотивно далечни партнери. Барате потврда без вистинска врска, често преку пораки или врска на далечина.
- Имате проблем да се отворите и да изградите вистинска доверба.
- Мешате драма со интимност. Копнеете по „потера“, постојана возбуда и динамика во врската, дури и ако тоа ги повредува другите.
- Брзо ги прекинувате врските наместо да комуницирате јасно. Имате тенденција да ја прекинувате и избегнувате личноста наместо да се соочите со конфликот и да го решите проблемот.
Запомнете, емоционалната недостапност не е нечија грешка или злонамера, но може да спречи исполнување на една врска и автентично зближување со другите.
Препознавањето на овие знаци на емоционална недостапност е шанса за саморефлексија. Секогаш бидете искрени за вашето ниво на удобност за посветеност и поврзаност кон другата личност и за вашите намери. Не ги доведувајте во заблуда со задржување на чувствата или играње игри. Пробајте повеќе да одбирате здрави врски кои градат доверба и интимност преку вистинска комуникација.
Побарај дополнителен совет или насока од Ивана Ѓоргиевска
Разбирам дека справувањето со емоционална недостапност може да биде неверојатно фрустрирачко и осамено.
Важно е да разберете дека за секоја промена е потребно време, а вашиот партнер можеби нема да биде отворен за итна трансформација. Ќе разговараме како да управуваме со вашите очекувања и да дадеме приоритет на сопствената благосостојба во текот на овој процес.
Ако имате какви било прашања во врска со емоционалната недостапност или барате совет или насока, само пополнете го формуларот подолу.