fbpx

Ментално здравје – како модерниот свет нѐ исцрпува?

Светот постојано се менува и прилагодува на новите трендови и дигитални иновации. Општествените промени се неизбежен дел од овој процес, а во последните години сѐ повеќе се нагласува влијанието на модерниот начин на живеење врз нашето ментално здравје. Иако придобивките од развојот на кој сведочиме се бројни, неминовен е фактот дека современиот начин на живот поставува значителни и постојани когнитивни барања кои влијаат на нечија психичка благосостојба.. 

Влијание на дигиталната зависност врз менталното здравје

Дигитализацијата стана клучна карактеристика на модерното доба. Технолошкиот напредок овозможи брз развој на дигиталните уреди, интернетот и комуникациските технологии. Овие алатки станаа неодвоив дел од нашето секојдневие влиаејќи на комуницирањето, работата, забавата и донесувањето на одлуки. 

Паметниот телефон е уред кој ни овозможува да бидеме дел од модерниот свет и станува сѐ потешко да се најде некој или нешто поинтересно од она што овој уред ни го нуди.

Иако паметните телефони обезбедуваат мноштво информации и погодности, тие исто така придонесуваат за култура на самоизбегнување – нè одвлекуваат од поврзување со природата, поминување време со самите себе и соочување со нашите мисли, емоции и егзистенцијални грижи.. И покрај нивниот напредок, паметните телефони се критикувани поради нивната неспособност да ги задоволат подлабоките човечки потреби и нивното прекумерно користење знае да заземе голем замав врз нашето ментално здравје.

Енигмата на постојаната проверка

Со оглед на тоа што мноштво на информации се на само еден клик од од нас и телефонот е место каде што се одвива „сѐ“, кај голем број на луѓе се јавува страв од пропуштање. Ова константно чувство на напнатост и анксиозност е пропратено со компулсивно пребарување по друштвените мрежи, со цел, постојано да се биде во тек со сите случувања. Како последица се јавува нарушување на квалитетот на сонот, запоставување на обврските, неможност за фокусирање на внимание кон други важни активности, што води кон нарушување на менталното здравје. Лицата кои имаат страв од пропуштање покажуваат интензивна вознемиреност, дури и паника кога на пример ќе им падне интернет конекцијата, ќе им се истроши батеријата на телефонот и сл. 

Социјалните мрежи можат да ја продлабочат социјалната анксиозност.

Од една страна пружаат можност лицата со социјална анксиозност полесно да остваруваат комуникација и поврзување со други луѓе со слични интереси. Од друга страна го зголемуваат ризикот од поголема изолација и оттуѓување од социјалните контакти во реалниот свет.

Развојот на депресивно и анксиозно расположение може да биде и поттикнат кај оние луѓе кои ги изедначуваат социјалните мрежи и „идеали“ како што се популарност, успех и прифатеност. Тоа значи дека бројот на лајкови, коментари, споделувања и следбеници е виден како извор на лично вреднување и врз нивна основа го градат својот идентитет, и ова посебно е изразено кај младите. Доколку сево ова изостанува, себеси се доживуваат како помалку вредни, неважни, отфрлени итн. 

Додатно, платформите за социјални медиуми се мал прозорец во животите на другите, и ова понекогаш може да поттикне нереални споредби и чувство на несоодветност. 

Од суштинско значење е внимателно да се пристапи кон употребата на социјалните медиуми и да се знае дека она што ни се пласира на Инстаграм и Фејсбук е нереално. Сите ние генерално споделуваме само работи што прават да се чувствуваме прифатено и “кул” пред другите. Социјалните мрежи имаат некои придобивки, но потребно е да се внимава на нивните стапици и зависност.

Како модерниот свет влијае на нашето ментално здравје?

Додека причините за оваа епидемија на разнишано ментално здравје се повеќеслојни, современото општество има неколку карактеристики што се издвојуваат како значајни придонесувачи за овој феномен.

Паметните уреди и проблеми со вниманието

Поминување долго време на паметните уреди и социјалните мрежи, пред сѐ деноноќно прелистување на содржините кои се поставуваат го „тренира“ нашиот мозок константно да скока од еден стимул на друг и да биде изложен на голем број на некорисни информации кои не се обработуваат подлабоко туку остануваат на површно ниво. Со текот на времето тоа може да доведе до нарушување на способноста за фокусирање на вниманието, и концентрирањето на читање на книга или подолг текст да стане невозможна, напорна и здодевна мисија. Тоа понатаму може да се одрази и на целокупните интелектуални капацитети.

Недостаток на заедница – епидемија на осаменост

Така, во свет кој редовно ги слави индивидуалните достигнувања, лесно е да се чувствуваме како да сме сами и неисполнети. Многумина од нас се чувствуваат изолирани и исклучени, и покрај тоа што постојано сме поврзани преку дигитални канали. Градењето и одржувањето значајни односи е многу важно за нечија благосостојба. Радоста во заедничките искуства и поминување квалитетно време со личности во чие друштво уживаме е незаменлива.

Пронаоѓање на убавина во секојдневните моменти

„Офлајн“ моментите поминати до блиски луѓе, семејството и пријателите се бесценети. Кафе муабет, прошетка во природа, спортување или играње на друштвени игри се само едни од начините да воспоставиме конекција и да уживаме во меѓусебното дружење. Смислата може да се најде во секојдневните моменти од животот – смеата на саканите, убавината на природата, потрагата по креативни страсти… 

Преиспитување на љубовта и врските

Како и сѐ друго, така и љубовта и врските кои ни се пласираат на социјалните мрежи се нереални и идеализирани. Реалноста е сосема поинаква, никој не е совршен, но секој човек е уникатен спој на „предности“ и „маани“ кои ги откриваме низ меѓусебна интеракција во реалниот свет. 

Филтрирање на медиумите

Со постојано изложување на вести и заситеност на социјалните мрежи, медиумите играат моќна улога во обликувањето на нашите перцепции за светот. Сепак, голем дел од содржината што ја консумираме е фокусирана на негативност, сензационализам и поделеност. Овој постојан насип на негативни вести може да придонесе за чувство на вознемиреност, страв и беспомошност. За да ја заштитиме нашата ментална благосостојба, важно е да научиме што е медиумска писменост и внимателно да ги конзумираме информациите. Барањето извори на позитивни вести, ограничувањето на изложеноста на сензационалистичка содржина и вклучувањето во конструктивен дијалог може да помогне да се спротивставиме на негативните ефекти од медиумите.

Во општество кое го цени совршенството и продуктивноста, лесно е да се чувствуваме како постојано да паѓаме. Меѓутоа, потрагата по совршенство не само што е недостижна, туку и штетна за нашето ментално здравје. Прегрнувањето на нашите несовршености, ранливости и неуспеси е од суштинско значење за негување на самосочувство и издржливост во оваа дигитална ера.

И знаеме – теоретски – за сето ова. А сепак во пракса, сите овие идеи имаат слаба способност да го мотивираат нашето однесување и емоции.

Можеби би било добро да си поставиме мал потсетник еднаш дневно за да се олабавиме од сета таа врева на современото живеење. Само на тој начин можеме да ги расчистиме нашите умови и да се фокусираме на она што е навистина е важно.

Побарај совет или насока од Александра Милевска

ментално здравје Александра Милевска

Како психолог, разбирам дека е вообичаено да се обвинуваме себеси кога не се чувствуваме добро. Сепак, од суштинско значење е да се препознае дека многу фактори кои придонесуваат за проблемите со менталното здравје произлегуваат од пошироките општествени проблеми. Овие општествени притисоци може да ги влошат прашањата како што се социјалната вознемиреност и зависноста од телефонот, што го прави уште поважно да се бара поддршка и насоки. Ако се борите со овие предизвици, знајте дека не сте сами и јас сум тука да ви помогнам.