“Како ќе го измерите вашиот живот?” (How will you measure your life?) е книга напишана од Клејтон Кристенсен, Џејмс Алворт и Керен Дилон. Клејтон Кристенсен беше еден од водчките експерти за иновација и професор на Школата за Бизнис на Харвард. Во 2010 тој држи моќен говор пред дипломците на оваа школа. Влечејќи од неговите истражувања поврзани со бизнис и менаџмент, тој нуди неколку насоки за тоа како да го најдеме значењето и среќата во нашите животи. Kористи примери од неговиот живот за да покаже како паметни и амбициозни луѓе запаѓаат во животни замки. Овие замки најчесто водат до несреќен и неисполнет живот.
Овој говор остана запаметен не само поради фактот што беше длабоко искрен, туку и затоа што доаѓаше во период кога Кристенсен е дијагностициран со истиот вид на рак од кој починал неговиот татко. Оваа дијагноза го натерала на рефлексија и на размислување околу прашањето “Како ќе го мери неговиот живот?”.
По овој настан, професорот заедно со уште двајца колеги го надополнуваат и издаваат говорот во форма на книга. Во оваа книга, Кристенсен поставува неколку прашања. Првото прашање е “Како можам да се осигурам дека ќе наоѓам задоволство во мојата професионална кариера?”. Второто прашање е “Како да се осигурам дека врските со моите блиски се траен извор на среќа?”. Третото прашање е “Како можам да се осигурам дека ќе го задржам мојот интегритет?”
Како ќе го измерите вашиот живот?
Кристенсен во оваа книга покажува како економски теории кои им помагаат на бизнисите да бидат успешни можат да ни помогнат и на нас како индивидуи да носиме подобри животни одлуки. Типичните книги за само-помош најчесто се базирани на анегдоти и рутини кои функционирале за авторот. Сепак, оваа книга вади увиди од тестирани научни теории за бизнис кои можат да се употребуваат универзално. Важно е да се потенцира дека кога велиме “теории” мислиме на тестирани и докажани хипотези. Теорија е всушност изјава за тоа која причина предизвикала некаква последица. Тој ги користи овие теории да даде одговор на горе поставените ппрашања.
Кристенсен започнува да ги истражува овие прашања кога дознава дека еден од неговите бивши сокласници се мачи во неговиот приватен живот и не ужива во работата и покрај неговите значајни професионални успеси.
Како да бидам успешен и исполнет од својата професионална кариера?
Истражи што те мотивира
Кога се чуствуваме несреќни или заглавени во нашата кариера или живот, најчесто причината е недостатокот на мотивација. Многу луѓе веруваат дека бенефитите како плата, работна средина и слично се клуч за задоволство од работата. Сепак, теоријата покажува дека овие бенефити не се клучот за среќа и задоволство од работата.
Теорија
Кристенсен овде се повикува на една теорија за мотивација на вработените. Теоријата за мотивација на Фредерик Херцберг препознава два различни типови на фактори кои влијаат врз нашата мотивација за работа. Тоа се хигиенски фактори и мотивирачки фактори. Во хигиенски фактори ги вклучува бенефитите како финансиската компензација, сигурен статус на работа, работна средина и слично. Во мотивирачки фактори ги вклучува предизвикувачка работа, одговорност, учење, личен раст и развој.
Дополнително, оваа теорија вели дека задоволстовото од работата не е само еден спектар на кој можеме да бидеме повеќе или помалку задоволни. Напротив, тој вели дека има спектар на задоволство од работата, но има и спектар на незадоволство од работата. Според ова, зголемувањето на хигиенските фактори не значи дека ќе има влијание на намалување на незадоволстово од работата.
Примена
Кога барате работа или кариера што ќе ве направи среќни и задоволни, не ги земајте во предвид само хигиенските фактори. Размислете добро дали оваа професија или работа ги исполнува вашите критериуми за мотивирачките фактори.
Балансирајте го планираното со новите можности
Откако ќе разберете што ве мотивира, втората стратегија е да ги балансирате вашите планови со неочекуваните можности што се појавуваат. И компаниите и поединците мора да знаат како да го направат тоа за да напредуваат.
Теорија
Крситенсен овде се повикува на една теорија претставена од двајца негови колеги. Тие велат дека откако ќе се формулира, секоја стратегија продолжува да се развива како одговор на опциите што се развиваат. Постојат два типа на опции:
- Предвидливи можности: Ова се можности што ги идентификувате и избирате да ги следите како намерна стратегија.
- Непредвидени можности: Ова се комбинација од проблеми и можности на кои наидувате додека го спроведувате вашиот намерен план. Кога ќе се појават овие неочекувани работи, мора да одлучите дали да се придржувате до планот, да го прилагодите или да го замените со некоја од новите опции.
Примена
За да одлучите кога да продолжите со некоја нова стратегиј поставете си ги ова прашање. Кои претпоставки треба да бидат точни за овој курс на дејствување да успее? Излистајте ги одговорите на ова прашање и запрашајте се: Дали можам да влијаам на овие претпоставки? Дали се во моја контрола?
Поврзете ги ресурсите со приоритетите
Според Кристенсен, распределбата на ресурсите е третата компонента на стратегијата. Одржувањето на ресурсите во склад со стратегијата е предизвик за компаниите, како и за поединците.
Теорија
Многу интереси и приоритети се натпреваруваат за ресурси. Каде ги трошите вашите ресурси, намерно или ненамерно, е вашата вистинска стратегија. Тоа е акумулација на вашите секојдневни одлуки и постапки. Следете го текот на вашите ресурси за да одредите дали сте на вистинскиот пат до каде велите дека сакате да одите или дали ненамерна стратегија презеде контрола.
Примена
Вашите лични ресурси ја вклучуваат вашата енергија, време, талент и богатство. Ги применувате на различни претпријатија во вашиот живот: односот со вашиот сопружник, родителството, односите со другите, успехот во кариерата, здравјето, личните интереси и придонесот за вашата заедница. Голем дел од несреќата во животот произлегува од приоритизирањето на краткорочните цели. Овие цели можат да бидат бонус, унапредување или богат начин на живот и слично. Спротивно, долгорочните цели, како што се добар брак или воспитување на децата да бидат добри луѓе се оние кои го прават нашиот живот исполнет.
Следете на што го трошите вашето време, пари и енергија доколку сакате вистински да се придржувате до вашата стратегија.
Како да се осигурам дека врските со моите блиски се траен извор на среќа?
Многу луѓе претерано инвестираат во своите кариери на сметка на своето семејство и врски. Сепак, вашата кариера, сама по себе, нема да ви донесе среќа и исполнетост. Вашите приоритети во кариерата се само дел од поголем сет на приоритети, вклучувајќи го вашиот сопружник, деца, пријатели, здравје итн. Како и вашата кариера, така и вашите врски бараат постојано внимание.
Дефинирајте ја “Работата што треба да се заврши”
Производите често пропаѓаат затоа што компаниите ги развиваат врз основа на она што сакаат да го продадат, а не на она што им треба на клиентите. Тие прават нешто што луѓето не сакаат или не можат да го користат. Честопати ги третираме нашите односи на ист начин на кој овие компании се обидуваат да продаваат производи. Ние се фокусираме на она што е важно за нас, а не на она што го сака другиот. Промената на вашата перспектива може да ги промени вашите односи.
Теорија
Во својата книга “The Innovator’s Dilemma”, Кристенсен воведе нова теорија за маркетинг и развој на производи. Оваа теорија е наречена „работата што треба да се заврши“. Идејата е дека кога луѓето купуваат производ или услуга, тие всушност го ангажираат продуктот или услугата за да им заврши работа. Најуспешни се производите дизајнирани да извршуваат работи што клиентите сакаат да ги завршат.
Примена
Примената овој начин на размислување може да ви помогне да го подобрите и вашиот личен живот. За секоја врска, трудете се да ја разберете работата за која сте „најмени“, а потоа направете ја добро. Ова ќе бара пракса. За да разберете за што ве ангажира вашиот сопружник или партнер, бара да се ставите во кожата на другата личност (да слушате и да вежбате емпатија).
Развијте ги “Вештините” кај вашите деца
Во последниве години, многу индустрии извршија аутсорсинг на одредени функции и процеси како начин за зголемување на ефикасноста и намалување на трошоците. Слично на тоа, родителите имаат аутсорсинг на одредени семејни функции на наставници, тренери и други возрасни лица. Но, честопати, компаниите и родителите аутсорсаат погрешни работи.
Теорија
Пред да аутсорсаат било што, компаниите треба целосно да ги разберат нивните способности, особено кои способности се клучни за иднината на компанијата. Критичните способности никогаш не треба да се аутсорсираат. Способностите произлегуваат од три фактори: ресурси (луѓе, технологија, опрема), процеси (начини на вршење на работите) и приоритети (цели кои ги водат одлуките).
Примена
Многу родители се фокусираат на обезбедување ресурси на своите деца, но процесите и приоритетите можеби се поважни. Од клучно значење е децата да развијат процеси за решавање проблеми, работа со други и слично, и да учат вредности (приоритети) од нивните родители. Ова се критични способности. Родителите треба да им дадат на децата предизвици и проблеми за решавање и да поминуваат време со децата за да ги учат нивните вредности. Ако ја делегирате работата на аутсорсинг за развивање на процесите и вредностите на вашите деца, ќе ја изгубите можноста да ги развиете во возрасни луѓе какви што сакате да бидат.
Креирајте фамилијарна култура
И бизнисите и семејствата имаат култури што ги водат нивните членови во донесувањето одлуки во согласност со утврдените приоритети кога шефовите и родителите не се наоколу за да обезбедат насока.
Теорија
Културата е вкоренет начин на кој вработените ја извршуваат својата работа – тоа е чувство за начинот на кој компанијата ги прави работите, што станува толку автоматско што луѓето не размислуваат да ги прават работите на друг начин. Ова чувство се развива со текот на времето кога работиме заедно и гледаме што функционира. Луѓето инстинктивно ги прават работите на пропишан начин без надзор. Компаниите треба да бидат проактивни во дизајнирањето на нивната култура – ако не го сторат тоа, културата ќе се развива сама по себе.
Примена
Како компанија, родителите треба проактивно да развијат семејна култура или начин на вршење на работите, така што децата инстинктивно ја прават вистинската работа кога не се покрај вас бидејќи знаат дека „вака се однесува нашето семејство“. Градењето култура вклучува познавање на вашите приоритети и дизајнирање култура околу нив преку демонстрирање како проблемите се решаваат на вистински начин и повторување на процесот додека не се вгради во системот и стане автоматско. На пример, ако љубезноста е семејна вредност, помогнете му на вашето дете да избере љубезност во ситуација кога тоа е оправдано. Погрижете се да ја повтори одлуката во следните прилики. После тоа, тоа ќе се води од чувството „вака го правиме тоа“ во секоја ситуација која бара љубезност.
Како да се осиуграм дека ќе го задржам својот интегритет?
Многу луѓе се впуштаат по лизгава патека во животот со вклучување во маргинално размислување. Ова е размислување кое се фокусира на краткорочната цена или корист, но не успева да го сфати целосното влијание на некоја акција. Тие донесуваат мали, навидум безопасни одлуки или компромиси кои водат до повеќе и поголеми компромиси – со катастрофални последици, од деловни неуспеси до затворски казни.
Теорија
Бизнисите одлучуваат дали да инвестираат во нешто со мерење на трошоците и придобивките (приходи). Маргиналните трошоци се дополнителни или нови трошоци во споредба со фиксните трошоци на компанијата. Кога маргиналниот трошок е мал, компанијата може да избере да се прошири во она што веќе прави пари на краток рок, наместо да инвестира во сосема нова линија на бизнис што ќе ја зголеми вредноста на компанијата на долг рок. Но, долгорочниот трошок е губење на уделот на пазарот или целосно згаснување како резултат на непридржување кон конкуренцијата.
Примена
Маргиналното размислување се однесува не само на резултатите на компанијата, туку и на изборот на правилно и погрешно. Маргиналните или краткорочните трошоци за правење нешто морално сомнително „само еднаш“ секогаш изгледаат мали, но целосната цена често се покажува многу повисока. Најдобар начин да го избегнете ова е никогаш да не го компромитирате вашиот морал. Полесно е да ги одржувате вашите стандарди 100% од времето отколку 98% од времето. Или се залагате за нешто, или не. Откако ќе ја надминете вашата морална линија, таа веќе нема никаква моќ да ве спречи и ќе продолжите да ја преминувате.
За крај
“Како ќе го измерите својот живот” на Клејтон Кристенсен завршува со совети како да ја пронајдете вашата цел. За бизнис, имањето јасна цел ги води извршните одлуки и ги одржува вработените фокусирани на она што е важно за компанијата. Слично на тоа, ви треба цел за вашиот живот, наспроти која ќе ги одмерите одлуките.
Целта на компанијата обезбедува три работи:
- Модел или слика за тоа како ќе изгледа или ќе биде компанијата кога ќе ги постигне своите цели
- Целосната посветеност на директорите и вработените на моделот што се обидуваат да го создадат (никој не прави компромиси за тоа под никакви околности)
- Неколку метрики што лидерите и вработените на компанијата можат да ги користат за да го измерат напредокот поединечно и колективно
Слично на тоа, треба да ја изберете вашата цел – да одлучите каква личност сакате да бидете и што сакате да постигнете во вашиот живот, да се посветите на тоа и да одлучите како ќе го измерите вашиот напредок.
Дефинирањето на вашата животна цел ви дава рамка за да ја сфатите секоја друга одлука и околност. Теориите и знаењата претставени во оваа книга можат да помогнат во вашата кариера, врски и етика, но вашата цел е вашата Северна ѕвезда.
Сепак, според Кристенсен, треба да се запомне дека дефинирањето на животна цел е процес, а не единечен настан. Овој процес е долготраен и трае низ целиот наш живот.
Истражете се себеси и дефинирајте каква личност сакате да станете, посветете се целосно на ова и изберете ја метриката според која ќе го мерите вашиот прогрес.