fbpx

Запознај ги психолозите зад екраните: Анѓела Богдановска

Анѓела Богдановска

Разговор.мк е платформа која овозможува анонимен пристап до лиценцирани психолози. На платформата можете да изберете некој од нашите 40+ професионалци за ментално здравје и анонимно да се допишувате или пак да имате аудио/видео разговор. Со цел подобро да ги запознаете психолозите, им поставивме неколку кратки прашања на кои тие одговорија. Денес разговараме со Анѓела Богдановска.

За својата биографија Анѓела Богдановска вели:

Мотото кое ме води како лиценциран психолог е: „Ние повеќе тежнееме кон тоа да ја одбегнеме болката, отколку да ја сретнеме радоста“ (Сигмунд Фројд). Како дел од мојата доедукација, уште за време на студиите посетував школа за психотерапија преку психодрама која востанови темел во моето профилирање. Сė уште сум дел од таа едукација, а во годините зад мене работев како едукатор на деца, социјален претприемач, регрутер на кандидати за работни места, социјален ментор на маргинализирани групи на граѓани и жени жртви на семејно насилство, а во моментов работам со деца со атипичен развој. Автор сум и на кратки видеа со психолошка тематика.

За својот пристап на работа Анѓела Богдановска вели:

Сметам дека среќата е во нас самите, а до неа може да се дојде преку постепен развој на нашите способности. Пред сė, важно е да истакнам дека стекнувањето доверба во психологот и споделувањето на проблемите и тешкотиите носи олеснување и е прв чекор за нивно надминување. Токму тука е насочен мојот пристап, кон детекција и канализирање на емоциите низ себеприфаќање и осознавање. Проценката на ситуациите кои предизвикуваат тегобност и силни негативни емоции се искуство кое треба да се прифати и надмине. Прифаќајќи се себеси, ги прифаќаме и останатите. Пристапот е фокусиран на заеднички обид до пронаѓање на патеките до среќата.

Зошто станавте психолог/психотерапевт/советувач?

Интерес за психологија пројавив уште во средношколските денови. Имав голема желба за себеистражување, себеоткривање и емпатски однос кон останатите. Открив дека сум добар, сочувствителен слушател, а тоа ме исполнуваше и кога слушав и кога споделував и разговарав на теми кои беа поврзани со емоционалните состојби, однесувањата и чувствувањето на останатите. Таа желба и интерес не се загуби, туку напротив се засили и кулминираше во професија која ја применувам со голема љубов и посветеност.

Што ве мотивира да работите секој ден?

Секојдневната изложеност на безброј негативни фактори, динамичен секојдневен ритам, предизвици и односи не присилуваат понекогаш да се замориме на патот до посакуваната цел. Имајќи во предвид дека сите ние имаме капацитет и можност да стигнеме до замислената цел, понекогаш ни е неопходен поттик, охрабрување и поддршка. Токму тоа е мојата мотивација, која  ја црпам од секојдневниот контакт со моите клиенти, од кои учам многу и кои ме мотивираат да бидам сé подобра во тоа што го работам. Мојот искрен влог во нивно поттикнување, охрабрување и поддршка и позитивните резултати ми се огромна мотивација и среќа.

Кои промени сакате да ги видите или направите поврзани со менталното здравје во општеството?

Како деца често не учеа да ги сакаме и да се грижиме другите, но ретко ни посочуваа на таков начин да се грижиме и за нас самите. Токму тоа е според мене стожерот на свесно, исполнето и среќно општество. Намерата е да се разбере дека подигнувањето на свеста за менталното здравје треба да биде приоритет на секое општество. Приоритетот да биде ставен особено на децата и младите, да им се обезбеди лесно достапни услуги за психолошка поддршка и да се намали стигмата за менталното здравје. Само така ќе можеме да говориме за иднина и среќа. 

Како вие ја дефинирате грижата за менталното здравје?

Грижата за сопственото ментално здравје носи грижа и за менталното здравје на останатите во нашето секојдневно опкружување. Затоа е важно да се грижиме за него и да бидеме некому пример!

Што се надевате дека вашите клиенти добиваат од советувањето или психотерапијата?

Добиваат одговор кој поради некоја причина понекогаш не можат сами да го воочат или пронајдат, нешто што е потиснато или претходно акумулирано. Одговорот ни е неопходен за да направиме чекор понатаму.

Со какви предизвици поврзани со ментално здравје најмногу сакате да работите и зошто?

Емоциите детектираат сé. Затоа е убаво кога ќе ги слушнеме и уважиме. Токму тоа е мојот фокус, да работиме со нашите емоции и тие да ни бидат предизвик.

Што правите во слободно време?

Еден од моите начини на релаксација и терапија е моето куче кое ме исполнува со позитивна енергија и редовни прошетки. 

Ако мора да дадете само 1 совет за луѓето кои бараат психотерапија или советување, кој совет би го дале?

Разговрај со себе, ќе научиш многу!

Разговор.мк мобилна апликација

За да дознаете повеќе за Анѓела Богдановска и да прочитате повеќе за нејзиното работно искуство, рецензиите од претходните клиенти, достапните термини и цените за разговор преземете ја нашата мобилна апликација со клик на сликата подолу. Откако ќе се најавите анонимно, ќе бидете пренасочени кон самиот профил на психологот.