fbpx

Мотивација: Како конечно да успееме да ги оствариме нашите цели?

Мотивација претставува желба да се дејствува со намера да се постигне некоја цел. Станува збор за клучниот елемент во поставувањето и постигнувањето на целите на еден човек. 

Мотивацијата е една од движечките сили зад човековото однесување. Ја поттикнува конкурентноста кај луѓето и помага за создавање на социјални поврзувања. Недостатокот на мотивација може да придонесе кон појава на состојби на нарушено ментално здравје, како што е депресијата. Мотивацијата е клучна за одржување на стремежот на луѓето кон наоѓање на смислата, целта и вредностите во животот.

Извори на мотивација

Луѓето често имаат повеќе различни мотиви за било кое однесување. Мотивацијата може да биде “надворешна”, кога сме мотивирани од надворешни фактори – други луѓе или награди. Мотивацијата исто така може да биде и природна или “внатрешна”, кога сме мотивирани одвнатре – желба за подобрување со одредена активност. “Внатрешната мотивација” има тенденција да ги турка луѓето посилно, и нивните постигнувања да бидат поисполнувачки.

Една од рамките која се користи за подобро да ја разбереме мотивацијата е хиреархијата на потреби. Оваа рамка е поставена од американскиот психолог Абрахам Маслов во 1943 година. Според Маслов, луѓето се природно мотивирани да се подобруваат самите себеси и да се движат кон остварување на нивниот целосен потенцијал (самоактуелизација), прогресивно соочувајќи се со и задоволувајќи ги сите нивни нивоа на потреби. Почнувајќи од фундаменталните потреби, како што се храната и личната безбедност, до повисоко рангираните потреби како што е потребата за љубов, припаѓање и самодоверба. 

Маслов дополнително ја има проширено неговата теорија, за таа потоа да ја вклучува и потребата за самонадминување. Луѓето го достигнуваат врвот на сопствениот раст и го наоѓаат највисокото значење на животот со посветување на работи кои се повеќе од лични. Иако универзалноста на теоријата на Маслов неколку пати е оспорена, многумина веруваат дека ги опфаќа фундаменталните вистини за човечката мотивација. 

Како се доаѓа до мотивација?

Мотивацијата може да произлезе од бројни извори. Луѓето можат да бидат мотивирани од надворешни или внатрешни стимулации. Кога зборуваме за надворешни стимулации зборуавме за работи како што е мотивацијата да се работи за парична компензација. Додека, внатрешно задоволување опфаќа работи како создавање на уметничко дело во слободното време. Други извори на мотивација се и љубопитноста, автономијата, валидација на личниот идентитет и верувања, создавање на позитивна слика за себе, и желба за избегнување на потенцијални загуби. 

Што е “внатрешна мотивација”?

“Внатрешната мотивација” е поттикот кој доаѓа само одвнатре. Причината поради кој се појавува не е антиципација за некаква награда, рок или надворешен притисок. На пример, да ги земеме луѓето кои имаат силна “внатрешна мотивација” рекреативно да трчаат. Тие начјесто тоа го прават поради тоа што се чувствуваат добро кога трчаат и тоа е важен дел од нивниот идентитет. Од друга страна, “надворешната мотивација” може да ја зголеми генералната мотивација на пократок период. Сепак, на долг рок таа може да се “потроши”. Контрастно, “внатрешната мотивација” има голема моќ поради тоа што е интегрирана во идентитетот на личноста. Истата служи како постојан извор за постигнување на целите. 

Што е “надворешна мотивација”?

“Надворешната мотивација” може да се дефинира на следниот начин. Некој прави некаква работа поради било која причина, освен поради уживање во таа работа. Сè што е ветено како награда за завршување на одредена задача е “надворешена мотивација”. Човекот кој функционира со “надворешна мотивација” има потреба од три различни елементи за да биде успешен. Според истражувањата на Виктор Врум, тоа се: очекување (кога верува дека зголемувањето на напорот ќе придонесе до подобрување на перформансот), инструменталност (кога верува дека подобриот перформанс ќе биде забележан и награден), и валентност (кога ја посакува наградата која е ветена).

Како да ги поставуваме и постигнуваме целите

Постигнување на некоја цел е процес. Сите компоненти на тој процес заслужуваат внимание за да се осигураме дека ќе имаме успех, од поставување на целта, преку надминувањето на препреките, до одржување на моментумот додека не се заврши крајниот проект. 

Зошто треба да поставиме цели

Понекогаш, причината поради која не можеме да ја постигнеме нашата цел е поради првичната лоша поставеност на истата. Но, неколку психолошки трикови можат да помогнат за да се постават и постигнат целите. Еден е да се осигураме дека целта е поврзана со некаква вредност. На пример поддршка на локалната заедница или борбата против климатските промени. Друг психолошки трик е да се постави некаква рамка на процесот како средство кое може да помогне, а не како закана која треба да се избегнува.

На пример, наместо да размислуваме: “Нема да му здодевам на мојот шеф, за да избегнам нарушување на односите”, треба да размислуваме: “Сакам да научам нови начини на комуникација за да го подобрам односот и да можам лесно да кажам што мислам”. Уште еден добар начин е поставување на цел за учење. На пример, наместо да кажеме “Ќе ослабнам 10 килограми” може да кажеме “Ќе подготвувам здрава храна 3 пати во неделата”.

Како да изградам моментум?

Мотивацијата се бави со тоа “зошто” правиме промени, но моментумот е поврзан со тоа “како” ќе ги направиме промените. Генерирање на моментум е клучно во правењето на конкретни чекори за излегување од вкоренетите шаблони на однесување. Фокусирањето на моментумот исто така може да се искористи во терапевтски контекст. Терапевтот може да ти помогне да ги препознаеш однесувањата кои те спречуваат да стигнеш до целта која ја посакуваш. Ова најчесто се прави со давање на точна насока и следни чекори кои треба да ги преземеш. На апликацијата Разговор.мк можеш да разговараш со бројни лиценцирани терапевти кои се подготвени да ја лоцираат причината зошто не можеш да ги направиш промените кои посакуваш ги посакуваш. Препознавањето на мотивацијата за промена и фокусирање на динамиките кои поддржуваат промена исто така може да помогне при градење на моментумот. 

Како да бидеме истрајни кога се соочуваме со тешки задачи?

Природно е да се чувстуваме “заглавени” во одреден момент, особено кога работиме тешки задачи. Но, истражувањата покажуваат дека постојат неколку стратегии кои може да помогнат. Една стратегија е да се фокусираме на позитивните последици од активноста, како што е завршување на последниот испит. Друга е да се обидеме да ги регулираме емоциите за време на задачата, со размислување на одморот кој следува. Уште една стратегија е следење на напредокот, момент кој може да не поттикне кон следната цел. Последно, важно е да се обидеме да ја направиме задачата попријатна. На пример, пуштете музика додека ги ставате алиштата за перење. 

Како да ги постигнеме нашите цели?

Следење на напредокот е клучен за одржување на мотивацијата и постигнување на нашите цели. Од помош може да ни биде доколку следењето го визуелизираме, со негово запишување во тефтер или во апликација. Следењето исто така може да ни помогне да ги забележиме шаблоните на однесување кои може да ни го попречат успехот. На пример, кога вежбаме или кога се храниме здраво, имаме долгорочна цел. Следењето на напредокот и однесувањата можат да ни помогнат да забележиме кога грешиме и како да ги поправиме тие грешки. Дополнително, може да биде мотивирачки да се навратиме на напредокот кој го имаме направено до одреден момент или да гледаме на можноста за напредок во иднината како клучен дел од нашиот идентитет. 

Побарај совет од лиценциран психолог

Нашите психотерапевти и психолози се тука да ви помогнат да прераснете во најдобрата верзија од себе: ослободени од прекумерна анксиозност, подготвени за позитивни врски, помалку погодени од срам, самоуверени, креативни и издржливи.

Одговорете на прашалникот подолу и споделете го предизвикот со кој се соочувате. Психолозите на Разговор.мк ќе можат да го видат предизвикот со кој се соочувате и да споделат мислење со вас. Доколку преферирате, можете да останете анонимни.

Како да ја зголемиме нашата мотивација

Некои луѓе може да се најдат себеси комплетно мотивирани од некој проект, други пак сакаат малку по малку да одработуваат некоја задача. Без разлика како започнува нашата мотивација, секогаш постојат начини таа да се зголеми, без разлика дали се мотивираме сами или некој друг ни ја дава мотивацијата. 

Како да се чувствуваме мотивирани?

Со сигурност сите некогаш почувствувале комплетен недостаток на мотивација – и тоа е сосема во ред. Во таа ситуација, добро е да си дозволиме себеси да ја почувствуваме таа непријатност, да ги “слушнеме” сопствените негативни мисли, и потоа да преземеме чекори за да ја промениме ситуацијата. На пример, доаѓаме дома по тежок ден на работа и сѐ што сакаме е да легнеме на каучот и да гледаме телевизија. Наместо да го направиме тоа, треба да прифатиме дека сме уморни и да се предизвикаме себеси да прочитаме пет страници од книгата која стои на масичката. Овој пристап ни отвора можност да ги промениме шаблоните на однесување кои се интегрирани во нашиот карактер.  

Како да ја запреме прокрастинацијата?

Прокрастинацијата често е предизвикана од вознемиреност или анксиозност кога се соочуваме со некоја задача. Секако, постојат начини со кои можеме да го навигираме нашето однесување и ја победиме прокрастинацијата. Можеме да го разложиме проектот кој е пред нас на помали, полесно раководливи делови. Завршување на еден чекор ќе ни помогне да ја засилиме мотивацијата за следниот. Можеме да поставиме и ограничувања на времето кое го поминуваме кога се подготвуваме да започнеме, или да целиме да ја завршиме задачата што е можно побрзо. Исто така, можеме да си поставиме и награда по завршување на задачата или таа да биде дел од неа. Прочитајте повеќе за прокрастинацијата од блогот на психологот Билјана Стојановска на овој линк. 

Исхрана, вежбање и финансии

Некои од најчестите лични цели кои луѓето ги поставуваат за себе и најчесто не успеваат да ги постигнат се: да јадат поздраво, да вежбаат повеќе и да заштедат повеќе пари. При постигнувањето на овие цели можеме да се соочиме со многу замки, и секако антиципацијата на предизвиците за постигнување на целите може да помогнат во достигнување на реални промени.

Како да се придржуваме до диета?

Многумина се борат и имаат сериозен проблем да се придржуваат до некоја диета. Истражувањата покажуваат дека надворешно мотивираните луѓе – за да избегнат негативни коментари или за да изгледаат добро во одредена облека – можат да го убрзаат тој процес – но внатрешната мотивација е клучна за одржлив процес на слабеење. “Внатрешната мотивација” е проследена со способност, автономија и поврзаност, па затоа клучно е да 1) избереме диета која е одржлива и ефективна 2) да веруваме во диетата, и автономно да поставиме точен почеток, и крајни цели 3) да најдеме опкружување кое ќе ни даде поддршка.

Како да останеме мотивирани да вежбаме?

Постојат неколку идеи кои може да се земат во предвид, ако мотивацијата е проблем да започнеме да вежбаме. Една од опциите е да го направиме вежбањето поинтересно, па додека вежбаме да слушаме музика, подкаст или аудио книга. Уште една можност е да воспоставиме социјален контакт, односно заеднички да вежбаме со пријател или член на семејството. 

Како да се мотивираме за да заштедиме пари?

Има четири чекори кои може да ни помогнат да ја развиеме навиката на заштеда на пари. Првиот е да поставиме точна цел колку пари сакаме да заштедиме, и тие пари да бидат во одреден фонд за итни случаи. Овој начин може да ни помогне да изградиме навика на штедење. Вториот чекор е да штедиме барем по стотина денари секој ден, бидејќи константното повторување на одреден процес помага во креирање на навики. Третиот е да го направиме штедењето забележливо, без разлика дали тоа ќе биде штедна книшка во банка или парите ги чуваме во кутија под кревет. И четвртиот чекор е многу очигледен, но неопходен, константно да трошиме помалку од што заработуваме – освен што ќе создадеме навика за штедење, ќе обрнеме внимание и на тоа колку трошиме. 

Побарај совет од лиценциран психолог

Нашите психотерапевти и психолози се тука да ви помогнат да прераснете во најдобрата верзија од себе: ослободени од прекумерна анксиозност, подготвени за позитивни врски, помалку погодени од срам, самоуверени, креативни и издржливи.

Одговорете на прашалникот подолу и споделете го предизвикот со кој се соочувате. Психолозите на Разговор.мк ќе можат да го видат предизвикот со кој се соочувате и да споделат мислење со вас. Доколку преферирате, можете да останете анонимни.