fbpx

Како да изградиш блискост во љубовна врска?

Човекот е социјално битие, се раѓа од некој однос и потоа целиот свој живот го поминува во мрежа од односи. Еден од најважните односи е секако партнерскиот, интимен, љубовен однос. Иако, очекувањето дека овие односи сами по себе развиваат само позитивни чувства, сепак болката е неизоставен дел од секој љубовта, понекогаш разочарување, чувство на повреденост или напуштеност. Сите ја знаеме народната: „Каде има љубов, мора да има и бол“, но сепак најважни компоненти на здрав љубовен однос се блискост и поврзаност.

Да се биде близок со некого, значи да се биде свој, со сите свои мани и вредности, стравови, минати искуства, сигурни дека нема да бидеме осудени или неприфатени. Блискост значи дека другиот може да не види без маски, шминка и глума. Во блискиот однос партнерите се слободни да се живеат себе си и истовремено да бидат меѓусебно поврзани без потреба за контрола или промена.

Страв од блискост во љубовен однос

Блискоста и отвореноста отвараат простор за ранливост. Кога луѓето се блиски, отворени се да бидат повредени на секој можен начин. Во блискоста господарат емоциите, а кога има емоции, ранливоста е неминовна.

Од таа причина постои страв од блискост и има две основи:

  • Страв дека ќе бидеме напуштени и оставени
  • Страв дека ќе бидеме омаловажени во односот

Во двата случаја ќе бидеме повредедни и без контрола.

Стравот од блискост се препознава преку:

  • Нелагодност при помисла на блискост
  • Прекинување на врската кога станува сериозна
  • Влегување во површни односи
  • Страв од брак и одговорност
  • Бегање од лични емоции
  • Личноста не верува дека е вредна за љубов и дека некој може вистински да ја сака
  • Ниска самодоверба
  • Овие партнери малку вложуваат во врската
  • Чувство на осаменост
  • Страв дека другата страна ќе ја види нашата вистинска природа и ќе отркрие дека не сме совршени
  • Потреба да се најде совршен партнер (овие личности бараат совршенство и од себе си)

Во овие партнерски врски, кога едниот партнер ќе се приближи, другиот бега. Тоа е како танц, со добро извежбани чекори. Секогаш се избираат партнери со кои може да се држи дистанца и со кои постои сигурност дека нема да може да дојде до подлабока поврзаност и интима.

Едниот партнер е прогонувач, а другиот е прогонуван. Во оваа игра нема победници, останува само бол и празнина. Преку ова однесување партнерите се штитат, но во исто време и повредуваат.

Зошто се јавува страв од блискост во љубовен однос

Стравот од блискост се развива во детството, најчесто во семејства кај што немало блискост или пак првите искуства со родителите биле болни, несигурни, полни со немир и непријатност, односно ако личноста била отфрлена од важни фигури во детството. Детето во тој случај заклучува дека блискоста е нешто лошо, тешко и болно. Помалку добиена љубов и сигурност во детството е темел за развој на страв од блискост. Длабоко во себе личноста може да чувствува и одбојност спрема себе си и да бега од себе. Исто така најчесто има уверување дека не заслужува љубов и дека не е доволно вредна за истата.

На пример, ако машко дете пораснало со мајка која физички го злоставувала, постојано критикувала, манипулирала со неговите емоции, не му посветувала внимание, ниту му покажувала чувства и очекувале премногу од него, очекувано е дека ова дете во раното младешко доба ќе развие уверување дека блискоста со жена е еднаква на болка. Иако постои потреба да се биде со жена, таа потреба може да биде потиснета и на многу начини овој маж би избегнувал блискост, воден од раното уверување.

Што се случува денес

Денеска многу малку парови имаат вистинска поврзаност. Многу почесто партнерите влегуваат во игри, кои се манипулативни по својата природа и преку кои луѓето се обидуваат да одржат рамнотежа помеѓу блискоста и дистанцата. Конфликт и повлекување се два вида на психолошки игри. Понекогаш партнерите не знаејќи како да остварат блискост, ја надоместуваат преку конфликт. Конфликтот ги одржува поврзани. Од друга страна и личностите кои се дистанцираат имаат потреба да се врзат и бидат блиски со партнерот, но од страв, одбираат да ја држат контролата во свои раце, избегнувајќи го партнерот.  Притоа бегаат сами од себе си и потонуваат во осаменост.

И мажите и жените подеднакво се плашат од блискост.

На кој начин се гради квалитетна блиска врска?

Потребно е прво да бидеме искрени пред себе. Дали бегаме од блискост? Што научивме од минатите искуства? Ако искрено одговориме, поголема е шансата да ја откриеме причината која не принудува да бегаме. Запознавајќи се себе се и менувајќи го односот кон себе си, негувајќи се, поддржувајќи се, простувајќи си и прифаќајќи се, ќе ни биде полесно да се приближиме кон партнерот.

За почеток да се однесувам кон себе си, како кон другите. Да заборавиме на идејата дека другите се поважни од нас и да се обидеме да се однесуваме кон себе си, како кон пријател. Да инвестираме во тој однос, како и во секој пријателски однос.

Кога тоа ќе го промениме во себе си, ќе престанеме да привлекуваме личности кои бегаат од блискост, слични на нас. Преку негувавање на подобар однос кон себе си, стануваме подобри партнери, кои привлекуваат уште подобри партнери. Најголемиот предизвик со кој ќе се соочиме во новата или обновената партнерска врска е пребродувањето на нелагодноста која ќе се појави кога партнерот ќе почне да се отвара пред нас. Да се остане и покрај таа нелагодност е првиот чекор и свесност за промената која се случила.

Притоа, бидете свесни за она  што го чувствувате и што се случува во вашите глави, одговарајте и анализирајте. Овој процес нема да биде лесен, сепак ќе биде ново искуство, но најважно е дека на овој начин се поврзувате со самите себе и партнерот преку блискоста, која е предуслов за развој на љубовта.

Побарај совет или насока од Драгица Стаменковиќ

Наместо да имаме недостижни визии за совршенство, треба да научиме да се смееме на хаосот на љубовта и да си нудиме топла поддршка еден на друг. Како психолог, обезбедувам простор за разговор за вашите чувства и грижи и заедно можеме да работиме на подобро разбирање на вашиот став кон љубовта. Преку нашите сесии, ќе се фокусираме на подобрување на комуникацијата, поставување здрави граници и изнаоѓање начини за градење посреќни односи. Ако имате какви било прашања или ви треба совет, слободно контактирајте со пополнување на формуларот подолу.