Кога станува збор за менталното здравје веднаш станува збор за одржување на ментална хигиена. Како возрасните така и децата имаат свое ментално здравје кое е особено важно да во ова пандемиско време го зачуваат и превенираат понатамошни психолошки состојби. За таа цел предлагам да се задржиме на пет круцијални поставки во одржување на менталното здравје кај децата:
- Грижете се за однесувањето на детето
Забележете го секое специфично и некарактеристично однесување и потрудете се да ја најдете неговата причина. Додека пак секое позитивно однесување наградете го со пофалба, охрабрување и уважување на личноста на детето.
- Препознајте и рефлектирајте ги емоциите на детето
Препознајте ги прво вие па потоа кажете му на детето за каква емоција станува збор, на пример: Гледам дека си многу лут веројатно зошто Давид ти ја скрши играчката а потоа охрабрете го да ја исканализира таквата емоција со тоа што ќе му кажете Во ред е да си лут, играчката ти беше многу важна но наместо да го турнеш подобро да застанеш да изброиш до десет и да размислиш што можеш да направиш во врска со играчката.
- Обезбедете простор и време за физичка активност на детето и прошетки во природа
Ова правило потрено е да стане секојдневна практика. Поттикнувајте возење велосипед, тротинет, ролери и на вашите прошетки секогаш носете топка.
- Читајте детска литература, особено пред спиење
Читањето детска литература е пола ментално здравје. Во приказните детето се огледува себе си, учи како да размислува, учи какви алтернативи за решенија на дадени проблеми постојат. Преку читањето книгата се смирува, се охрабрува , се поттикнува, развива имагинација и ја користи фантазијата како одбранбен механизам во амортизација на стресот.
- Создадете дневен ред со активности и семејни правила
Дневниот структуриран ред на активности кај децата создава чувство на безбедност и релаксираност поради тоа што истите децата можат да ги предвидат а со тоа се намалува стравот од непознати и неочекувани ситуации.